Живиот дух во Охрид, наспроти романтичарските желби во Софија

510
Фото: Дарко Андоновски

Мора да се истакне дека и покрај тоа што МПЦ-ОА оваа година одбележува 1.000 години од ОА, сепак таа никогаш не се откажала од континуитетот на црковниот живот уште од апостол Павле. Според македонските владици, прославата на 1.000-годишниот јубилеј е чествување на црковната организираност на ОА, а не е откажување од црковното наследство, кое има длабоки корени во Македонија

Двете чествувања на 1.000-годишниот јубилеј од основањето на Охридската архиепископија, едното во Охрид организирано на крајот на мај годинава од страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а другото во Софија направено од Бугарската православна црква изминатиот викенд, беа вистинска слика за реалноста за тоа кој како ја чувствува и кому колку му значи историското наследство на ОА. Со тоа, МПЦ-ОА уште еднаш покажа духовна посветеност на корените и чување на она што ја обележува како црква.
БПЦ изминатиот викенд прослави 1.000 години од основањето на Охридската архиепископија, но наместо јубилејно чествување со големи црковни и државни прослави, целата прослава помина со неделна литургија, на која во соборната црква „Свети Александар Невски“ во Софија дојдоа околу педесетина верници. На прославата немаше ниту еден претставник на бугарската држава, а на литургијата не дојдоа ниту двајца владици, пловдискиот Николај и старозагорскиот Кипријан, кои во Синодот на БПЦ беа поддржувачи на идејата за доаѓањето на БПЦ на прославата во Охрид. Со тоа, според верските аналитичари, прославувањето на 1.000-годишнината од ОА со ништо не ја оправдала бугарската гордост за наследство врз ОА.

За разлика од прославата во Софија, чествувањето на овој јубилеј во Македонија, половина месец претходно беше еден од највеличествените настани во животот на МПЦ-ОА. Преполните храмови со домашни, но и со голем број странски гости, присуството на највисоки државни и на црковни претставници беше многу повеќе од достоинствено одбележување и вистинско оправдување на историското наследство, кое МПЦ-ОА го има врз Охридската архиепископија.
Мора да се истакне дека и покрај тоа што МПЦ-ОА оваа година обележува 1.000 години од ОА, сепак таа никогаш не се откажала од континуитетот на црковниот живот уште од апостол Павле. Според македонските владици, прославата на 1.000-годишниот јубилеј е чествување на црковна организираност на ОА, а не е откажување од црковното наследство, кое има длабоки корени во Македонија. Во македонската историографија се учи дека ОА влече корени од времето на свети Климент Охридски, па преку Самуиловото Царство, сѐ до 1767 година кога била укината од турскиот султан.

ОА ИСТОРИСКО ПРАВО НА МПЦ

Црковните аналитичари велат дека овие две прослави се јасна слика за реалноста, а тоа е дека прославата во Бугарија била изнасилена поради чествувањата во Македонија, што покажува дека Бугарската црква претходно воопшто и не размислувала за одбележување на овој значаен јубилеј, иако постојано зборува за нејзиното историско право како наследничка на Охридската архиепископија.
Познавачот на црковните состојби, Бранко Ѓоргевски, смета дека причините за ваквото, речиси незабележително, чествување во Бугарија се должи на тоа што не се сакало да се оди многу против МПЦ-ОА, поради прифаќањето на Бугарската црква да се застапува за признавање на нашата црква пред други православни цркви.
– Целта им е да приберат што повеќе симпатии кај македонските православни верници. Заради тоа, сметам дека не сакаа да направат некоја голема прослава по нашата со која би ни контрирале и би ни ја оспориле нашата голема прослава. Нам, тој јубилеј ни е многу значаен и со голема бугарска прослава би се предизвикало незадоволството во Македонија. На таквата стратегија се должи и отсуството на владини функционери и на други владици. Со ваквата прослава тие покажаа и дека ОА за нив нема значење како што има за нас. Познато е во 13 век од ОА се издвоила Трновската Патријаршија, која за БПЦ има многу поголемо значење – објаснува Ѓорѓевски.

БПЦ ТРЕБА ДА СИ ГО ЗНАЕ МЕСТОТО

Верскиот аналитичар од Бугарија, Иван Димитров Желев, вели дека прославата во Софија не била замислена како израз на почит кон историските факти, туку како уште еден погрешен чекор во меѓуцрковните односи на БПЦ. Смета дека целата приказна поврзана со МПЦ и ангажманот што го презеде Бугарската црква не е заснован на реални и на искрени позиции, што затоа и на крајот довело до фијаското на прославата на 1.000-годишниот јубилеј на ОА во Софија.
– Првата од овие во редот грешки беше ангажманот со „давање автокефалност“ на МПЦ. Елементарната логика вели дека не можеш да дадеш нешто, кое го немаш. БПЦ нема право да дава автокефалност, затоа и нема како да ѝ ја даде на друга црква – вели Желев.
Според него, ако БПЦ навистина се грижела за братската црква во Македонија, требало да се заложи за посредништво во уредувањето на автокефалниот статус на таа црква.
– Така, со ова фијаско-празнување работите си дојдоа на место. И БПЦ треба да си седне на местото, а прашањето да се решава од оние од кои тоа и зависи. Но, да се решава, а не повторно да се одложува – додава Желев.


БПЦ: Ќе сториме сѐ да им помогнеме на браќата во Македонија

Синодот на Бугарската црква во посланието по повод 1.000-годишнината од Охридската архиепископија изразил подготвеност да стори сѐ што може и што е во согласност со каноните на светата црква за да, како што пишува во обраќањето, им помогне на православни браќа во денешна Македонија.
– Она што продолжува и денес да нѐ обединува сите нас, без исклучок, е нашата православна христијанска вера. Она што и денес продолжува да нѐ сплотува е светата и маченичка православна црква. Тоа беше и причината и нашата главна побуда да ја прифатиме улогата на посредник, предложена од македонска страна, да ги преземеме неопходните и сите можни чекори и дејства пред другите братски православни цркви за решавање на канонскиот црковен статус на православната црква во Република Македонија, која повеќе од половина век страда од наметната црковна изолација – пишува во посланието на Синодот на БПЦ.