Живееме во религиозно и толерантно општество

148
Фото: Дарко Андоновски

Ако се погледнат анализите, се забележува дека над 80 отсто од населението би прифатиле верски различен од себе, без разлика по која основа, што, според експертите, значи дека има висок степен на толеранција

Граѓаните во Македонија имаат висок степен на меѓуверска толаранција и немаат проблем да прифатат некој што е верски различен, па дури ни како дел од поблиското семејство. Сепак, тие најмногу се расположени некого од различна верска припадност да го прифатат само како пријател. Ова го покажува последното истражување на јавното мислење на тема „Почитување на верските слободи и права“, спроведено од Институтот за политички истражувања-Скопје, во периодот од 18 до 21 мај годинава, на 1.108 испитаници, според кое се заклучува дека верската толеранција во земјава е на високо ниво.

Експертите велат дека, ако се погледнат анализите, се забележува дека над 80 отсто од населението би прифатиле верски различен од себе, без разлика по која основа, што, според нив, значи дека има висок степен на толеранција.
Сепак, тие се загрижени поради групата од околу десет отсто испитаници што рекле дека не би прифатиле верски различен од себе ниту како познаник.
– Тоа не е висока бројка, но за општества како македонското таа треба да биде причина за дополнително да се работи на јакнење на меѓуверската толеранција, во која улога треба да имаат и верските заедници – велат аналитичарите.
Ова истражување покажува висок степен и на религиозност на луѓето. Осум од десет испитаници рекле дека се религиозни. Според нив, во образовниот систем треба да има и предмет за верска поука како начин на подигање на верската кохезија на општеството.

– Како религиозни се изјасниле 81,6 отсто, меѓу нив најмногу Албанците 98,4 отсто, потоа другите етнички групи со 78,6 отсто, и Македонците со 76,5 отсто.
Испитаниците сметаат дека треба во образованието да има предмет во кој ќе се изучува религијата, а тоа го поддржуваат 56 отсто. Тој процент кај Албанците е многу повисок, дури 87,4 отсто од испитаниците сметаат дека веронауката треба се изучува, додека 47,4 отсто од Македонците го споделуваат тој став – пишува во анкетата.
Професорот Александар Спасеновски од Правниот факултет во Скопје вели дека државата и институциите треба да се заложат за да се одржи ова ниво на перцепција на граѓаните во однос на почитување на верските слободи и права.

Аналитичарите сметаат дека веронауката е прашање што изминатите 30 години честопати беше актуелно и имаше неколку експериментални обиди за имплементација и во мемонтов има изборен предмет што се изучува во училиштата како Етика на религиите, запознавање и историја на религиите.

– Искуството покажа дека од овој начин не се задоволни ниту верските заедници ниту учениците и родителите. Многу е важно ова прашање сериозно да се отвори и да се направи сериозна анализа меѓу државата, општеството, јавноста, верските заедници и без какви било предрасуди и да се изгради сериозна стратегија како треба да се имплементира веронауката во образовниот систем. Во таа анализа треба да се најде и возраста на децата, па и концептот, дали тоа да биде класична веронаука или некој комбиниран метод. Но најважно е тој модел, тој предмет да има ефект кај младите за да изгради здрави морални личности и потолерантна младина, која пред сѐ ќе има знаење за својата религија, но и за религијата на различниот од себе и ќе гледа со почит кон неа – додаваат аналитичарите.


Висока доверба во верските институции

Верниците во Македонија имаат доверба во верките организации на заедниците на кои им припаѓаат. Според ова истражување на ИПИС, мнозинството анкетирани, или 66,3 отсто, имаат доверба во организацијата на својата верска заедница. Конкретно, 62,8 отсто од испитаниците од православна вероисповед имаат доверба во МПЦ-ОА, 79,1 отсто од исламска вероисповед во ИВЗ, а дури сто проценти од католиците имаат доверба во Католичката црква.