„Жените затворени во домот немаат можност да прават кривични дела“

212

Содржина во учебникот по социологија за втора година гимназија предизвика лавина граѓански реакции. Станува збор за делот во кој се вели дека „Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност, особено кај некои видови кривични дела.“

Спорните тези беа изложени на силни критики и на социјалните мрежи. Реакциите одат дотаму што во една објава на Фејсбук, жена критичар на споменатите тези го поставува прашањето дали „сите жени треба да бидеме затворени дома, бидејќи на тој начин помалку ќе правиме криминал?!“.

На истата страница во истиот учебник пишува и дека прељубата е кривично дело. Реченицата гласи вака: „Жените во помал обем го извршуваат кривичното дело прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби кривоклетство“.

Спорните тези ќе бидат предмет на критичка опсервација и подлабока анализа, бидејќи токму таквите ставови, изнесени како факти во учебно помагало, имаат многу длабоки референции нe само во самиот образовен процес кај децата и младите, или пак во севкупниот систем на образованието кај нас, туку и во создавањето критериуми кај младата популација за нивната социолошка матрица на однесување, работење и понатамошниот развој на личноста.

„Нова Македонија“ се обиде да добие еден од тројцата автори на овој учебник за став, но до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговор.