Жена вратена од Рим со делумно позитивен тест за коронавирус

194

Тестирање за коронавирус кај жена што се вратила од Рим дало делумно позитивни резултати, извести денес министерот за здравство Венко Филипче. На жената ѝ се прави дополнително тестирање на Клиниката за инфективни болести.

– Жена којашто со сопругот била на кратка прошетка во Рим се јави на Инфективната клиника. Нејзиниот тест во една третина, само парцијално е позитивен што може да биде вкрстена реакција од други вируси и затоа сега се прави дополнително тестирање на широка палета на вируси, да не шпекулираме иако верувам дека и овој тест ќе биде негативен. За резултатите ќе известиме после два часа – рече министерот Филипче.

На клиниката се пријавил и возач на камион со знаци на грип кој патувал низ северна Италија, но неговиот тест бил негативен.

Пациентката кај којашто вчера беше потврден коронвирусот се чувствува добро, има лесна клиничка слика и нема знаци за компликации, рече министерот Филипче. Таа е сметена на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Останатите патници од комбето се ставени во изолација во домашни услови, а изолација е во тек и за сите лица со коишто направиле контакт.

– Телефонски се исконтактирани сите и им е укажано дека треба да почекаат денеска во утринските часови да бидат контактирани како од екипите на епидемиеолози така и од припадниците на Министерството за внатрешни работи. Кај дел ова интервју е веќе завршено, дел се врши сега, во овие моменти. Добро е тоа што сите укажуваат на тоа дека немале контакт со голема маса на луѓе, пред се контактите се во рамките на семејствата и тоа во куќите во коишто живеат или во истите дворови. На сите нив, исто така, ќе им биде назанчена изолација – вели министерот Филипче.

Претставници на Министерството за внатрешни работи прават проценки дали можат да ги обезбедуваат објектите во кои што се изолирани во домашни услови патниците и лицата со коишто контактирале. Доклку утврдат дека има тешки услови за обезбедување, лицата ќе бидат пренесени во некое од инфективните одделенија наменети за излоција на сомнителни пациенти на Инфективната клиника во Скопје, а доклку има потреба во одделенија во Штип и Гостивар.