Жената што допатува од Рим не е заразена со коронавирус

164

Министерството за здравство информира дека резултатите на пациентката кај која постоеше сомнеж за коронавирус, и кои штотуку пристигнале, се негативни на вирусот.

Пациентката е една од двата случаи што се тестираа на Инфективната клиника во Скопје. И двата случаи се негативни на вирусот.

Во моментов, веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано, е единствениот регистриран случај заразен со вирусот COVID 19.

Инаку, како што беше најавено на синоќешната конференција за медиуми, во текот на ноќта сите 9 патници на 5-те локации, 2 во Скопје и 3 во Струмица беа посетени од страна на епидемиолозите од Центрите за јавно здравје во Скопје и Струмица.

– Сите патници кои патувале од Италија со пациентката уште синоќа се исконтактирани и се наоѓаат во изолација во домашни услови во соработка со МВР. Најголем дел од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. На денешниот состанок на комитетот ќе ги разгледаме можностите за продолжување на домашната изолација или префрлување на овие лица во инфективните одделенија, одредени за изолација – посочи министерот Филипче.

Лицата со кои тие биле во контакт се веќе лоцирани и исконтактирани. И тие се наоѓаат во домашна изолација, а епидемиолозите на Центрите за јавно здравје од утринава се веќе на терен и ги анкетираат, согласно утврдената постапка.

Владата претходно ги извести сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработени во основно, средно и високо образование како и сите ученици и студенти дека доколку во последниве 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван потребно е, да не доаѓаат на работа/училиште/факултет и да ја информираат институцијата/претпријатието/училиштето и да се јават на телефонските броеви во ЦЈЗ.

Надлежните апелираат до граѓаните да не се создава паника и да се информираат за состојбата исклучиво од официјални извори и информации. Министерството за здравство продолжува редовно да информира за состојбата.