Жбогар најави финансиска помош од ЕУ за справување со еколошките проблеми

63

Следната година во рамки на Берлинскиот процес со кој ќе ко-претседаваат Бугарија и Република Северна Македонија, во фокусот на агендата ќе биде животната средина, што би значело и обезбедување финансиска помош за земјите од регионот за решавање на еколошките проблеми. Ова го изјави шефот на Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар, кој денеска оствари средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

На средбата се разговараше околу решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот и се разменија искуства како другите земји ги решаваат овие проблеми и што би можела С.Македонија да преземе во таа насока.

Министерот Нуредини ја изрази својата благодарност за поддршката која Европската Унија ја обезбедува за нашата земја во заштитата на животната средина со уверување дека ќе бидат вложени максимални напори за успешно искористување, со цел успешна реализација не само на тековните туку и на многу други идни проекти со цел заштита на животната средина и подобрување на животот на граѓаните.

На средбата беше потврдена досегашната поддршка и соработка од страна на Европската Унија, како и заложбата за понатамошно развивање на соработката која Европската Унија ја дава на Република Северна Македонија во заштитата на животната средина и климатските акции.

Амбасадорот Жбогар ја нагласи потребата од подигање на јавната свест на граѓаните во Република Северна Македонија, особено на младата популација, за прашањата за животната средина и информираше за екоактивизмот кои Европската Унија го иницира во нашата земја, во таа насока и активностите што се спроведуваат во рамки на кампањата што се спроведува под слоганот „Чисто, како дома исто“.

Министерот Нуредини ја поздрави иницијативата и истакна дека на граѓаните на Република Северна Македонија, а посебно на младите, треба да им се даде шанса да учат од другите земји, да споделуваат искуства, да применуваат најдобри практики, секако со заедничка поддршка и инвестирање во проекти за заштита на животната средина.