Е-дневникот беше главоболка за учениците, а сега е и за наставниците

155
Фото: Игор Бансколиев

Дополнителни часови за професори за користење на електронскиот дневник

Во рамките на своите законски надлежности државните инспектори утврдиле дека некои од наставниците во одредени училишта направиле пропусти при законската обврска за пополнување на е-дневникот. Имено, има професори што нередовно пополнувале податоци во електронскиот дневник. Но во целата ситуација, нелогичност прави фактот што токму каде што инспекцискиот надзор го утврдил пропустот, државата не обезбедила Интернет во училиштето ниту пак фирма што ќе го администрира е-дневникот за да можат професорите да ги исполнуваат своите обврски

Професори од училишта за средно образование деновиве биле на едукација во Министерството за образование и наука, во врска со користењето на електронскиот дневник. Како пример ги издвојуваме професорите од училиштето „Михајло Пупин“, за кои државните инспектори утврдиле дека нередовно пополнувале податоци во електронскиот дневник. Но во целата ситуација, нелогичност што дури се граничи со апсурдност е фактот што таму каде што инспекцискиот надзор го утврдил пропустот, државата не обезбедила Интернет во училиштето, како што не обезбедила ниту фирма што ќе го администрира е-дневникот за да можат професорите да ги исполнуваат своите обврски.

– Електронскиот дневник не е воден редовно од причина што Министерството не обезбедило Интернет во училиштето. А едукацијата што се одржа таму, очекувавме дека е осмислен процес во кој има воведен, главен дел, завршеток, па прашања. Но тие само нѐ информираа дека Законот за средно образование предвидува редовно пополнување на е-дневникот и дека има казни ако тоа не се исполнува. Од друга страна, Министерството ги нема создадено условите за функционирање на електронскиот дневник. Нема Интернет во училиштата, тендерот е пропаднат и нема фирма што се грижи за администрација. Ставот на инспекторите е дека требало да се снаоѓаме, но ние зборуваме овде за потреба од функционален систем, а не за импровизации – велат професорите.

Исто така, некои од професорите имаат и забелешки што морале да ги прекинат своите годишни одмори за да дојдат на едукација во Министерството што, според нив, се коси со Законот за работни односи. Од Синдикатот за образование, наука и култура иако неофицијално се запознаени со случајот, сѐ уште немаат никаква реакција. Тие не беа достапни за одговор на прашањето, кој е нивниот став во врска со овој случај.
Во Министерството за образование наука засега не дадоа одговор на прашањето, која е фирмата што го администрира е-дневникот и дали е точна информацијата дека пропаднал тендерот за избор на фирма што треба да обезбеди Интернет во сите училишта низ државата.

Инаку наставници и професори веќе со години тврдат дека имаат технички проблеми со ажурирањето податоци во е-дневникот. Често се случува системот да не им ги зачувува податоците што ќе ги внесат.
Наставниците имаат законска обврска да водат паралелна евиденција и во пишаните и во електронските дневници, иако Синдикатот за образование, наука и култура пред некое време бараше да се укинат некои од обврските.

Наставниците сметаат дека имаат премногу административни обврски, што може да биде причина за дефокусирање од нивната примарна обврска – пренесување на знаењето и вештините на учениците во текот на образовниот процес.

Со зголемувањето на административните обврски, како на пример пополнување на е-дневниците, се поставува и прашањето дали всушност тоа носи со себе потенцијална закана за намалување на квалитетот на наставата. Сега е токму на време да се направи анализа, не само теоретска, туку и емпириска, со реални показатели дали оваа административна дополнителна обврска навистина ѝ штети на основната просветителска дејност. Секако, сѐ тоа во полза на учениците, наставниците и за поголема ефикасност на наставниот процес воопшто.