Енергетски ефикасните домови не се секогаш и еколошки

243
Фото: Дарко Андоновски

Лоша изведба, неквалитетни, а често и токсични материјали вградени во живеалиштата, со претензија тие да се наречат енергетски ефикасни домови, често резултираат со голем број закани по здравјето, а неретко и со дополнителни финансиски оптоварувања

Постојаните кампањи за енергетски ефикасни домови што штедат пари за потрошена енергија доведоа до тоа тие да станат херметички затворени, што, од друга страна, претставува сериозна закана по здравјето на луѓето.Во време кога воздухот надвор е екстремно загаден, кога проветрувањето како опција во зимските месеци е речиси невозможнo, луѓето остануваат затворени во своите живеалишта, дишејќи го застоениот воздух со денови, па дури и со месеци. Сето тоа во комбинација со често лошиот квалитет на вградените материјали, како и лошата изведба од страна на градежниците, резултира со домови во кои се јавува непријатна миризба, а често и мувла, која е особено опасна по здравјето.

Подолгата изложеност на мувла може да предизвика астма, чешање и црвенило по кожата, кашлица, проблеми со синусите и други здравствени проблеми.

Така, од една страна се добива енергетски ефикасен дом што штеди енергија, но од друга страна треба да се издвојат пари за купување препарати против мувла, навлажнувачи, прочистувачи на воздух, а потоа и за континуираното заменување на филтрите во тие уреди, што претставува постојано оптоварување на семејниот буџет.

Лекарите предупредуваат дека долготрајната изложеност на неквалитетен воздух во домовите може да предизвика алергии, главоболки, несвестици и премаленост.

– Вдишувањето на токсичните елементи од загадувањето на воздухот може да ги компромитира работата и функцијата на белите дробови – истакнуваат лекарите, притоа додавајќи дека тоа може да доведе до сериозна инфекција.

Проблеми се јавуваат уште при самата нестручна изведба на објектите.

– Ја преградив терасата пред неколку години за да добијам дополнителна соба во станот. Мајсторот што работеше ми рече дека со поставувањето ПВЦ-столарија станот ќе ми биде потопол во текот на зимата, а постуден за време на летните месеци. Но уште првата зима ми се јави мувла по аглите, а кога го повикав мајсторот да утврди што ја предизвикува, ми рече дека треба време малтерот да се исуши и дека треба само да ги премачкам проблематичните делови со средство против мувла – вели Дарко Костовски, жител на скопската населба Ново Лисиче.

Тој додава дека и пет години по зафатот што бил направен во неговиот стан, мувлата не исчезнала.

– Претходно ја немаше, сега ја има. Мислам дека мајсторот нешто лошо направил, но тој не признава – се пожали Костовски.

Реагираат и некои од овластените застапници на ПВЦ-брендови во земјава, кои велат дека нелојалната конкуренција му прави ненадоместлива штета на нивниот бизнис, но и на здравјето на луѓето.

– Да го оставиме настрана профитот што ни го земаат, но тие луѓе-фирми изработуваат ПВЦ-прозорци и врати по гаражи и подруми, увезувајќи профили со сомнителен квалитет, кои не исполнуваат ниту една еколошка карактеристика. Кога таквата пластика ќе ја вградите во својот дом, претставува опасност по здравјето, бидејќи може да содржи токсични материјали што при изложеност на одредена температура може да се ослободуваат во домот – вели Душко Р., застапник на еден познат германски бренд за ПВЦ-производи.

Тој додава дека луѓето, поради немаштија, во поголем дел се водат од економскиот наместо од еколошкиот аспект.

– Повеќето сакаат да купат евтини прозорци и врати, без да обрнуваат внимание на декларациите во кои пишува какви еколошки стандарди исполнува производот – истакнува Душко Р.

Дополнителен проблем се и надворешните и внатрешните премази и изолации, кои може да содржат токсични материјали.

– Се бојосуваат ѕидовите со поликолор од разни производители, се поставува таванска и подна изолација што содржи формалдехид, се поставува најлон наместо парна брана, стиропорот на фасадите се лепи често неправилно, што доведува до создавање топлински мостови и се прават уште стотина ситни грешки при изведбите што влијаат врз создавањето здрав амбиент во еден дом – вели Јордан Петровски, експерт за енергетска ефикасност.

Според него, речиси на сите производи пишува дека се еколошки, но никој не може со сигурност да го провери тоа.

– Најдобро решение е да се купува проверен бренд, иако е поскап, бидејќи овие производители мораат да ги исполнуваат европските еколошки норми, без оглед дали е произведен во матичната фабрика или во разграноците по другите земји. На секој од тие производи мора да има и декларација за квалитетот, како и за составот на материјалот, односно дали производот е еколошки или не – објаснува Петровски.

Кога ќе се земат предвид сите работи, креирањето здрав и енергетски ефикасен дом чини многу пари, пари што просечниот македонски граѓанин ги нема. Соочени со таквата реалност, желбата на нешто да се заштеди, всушност, резултира со последици по здравјето.

[email protected]