Еколошки чисти градови – шанса што упорно ја пропуштаме

84
Фото: Игор Бансколиев

Повеќе од половина од светската популација живее во урбаните средини, кои, впрочем, се сметаат за виновни за производството на речиси 80 отсто од штетните гасови со ефект врз стаклена градина.

Градовите низ Европа, како еден од најгусто населените региони во светот, дефинитивно ги погодуваат секакви еколошки проблеми, но таму со години активно се работи на нивно решавање, додека во градовите во Македонија, кои последните десетина години се соочуваат со енормно загадување на воздухот, дури под притисок на јавноста, властите почнуваат да ја препознаваат заштитата на природната средина како сериозна тема.

Средствата што се планираат за справување со загадувањето во моментот се сведуваат на субвенционирање на дел од граѓаните за набавка на еколошки уреди за загревање на домовите, но и натаму доцни гасификацијата, јавниот превоз во градовите е нееколошки и неефикасен, главното снабдување со струја доаѓа од термоцентралите на јаглен, а мал дел од индустријата ги има потребните еколошки дозволи и опрема неопходна за заштита на природната околина. Тука треба да се додаде и возниот парк со просечната старост од 18 години, како и несоодветното третирање и горење секаков отпад.

Ова генерално се сите проблеми што влијаат врз загадувањето, кои во светот порано или подоцна секаде се појавувале, но тамошните власти со сериозно инвестирање и издржани проекти дошле до решенија, кои денес им овозможуваат да бидат покомотни во делот на загадувањето.

Домашните експерти сметаат дека треба да се следат искуствата што дале резултати и дека голем дел од нив се применливи и во наши услови, но дека е потребно инвестирање. Тоа особено се однесува на делот на производство на електрична енергија и зависноста на домашните термоцентрали од јаглен.

– Прв чекор е преку мерки за енергетска ефикасност да се смали потрошувачка на енергија т.е. во далечната 2050 година да остане на денешно ниво, а потребната енергија да се произведе од обновливи извори на енергија, основно преку сончева енергија, максимално искористување на сите водни потенцијали (на реките Црна и Вардар), користење на енергијата на ветерот и изградба на когенеративни постројки, кои преку пиролиза на дрвото ќе произведуваат едновремено топлинска и електрична енергија, а издувните гасови нема воопшто да ја загадуваат околината. Постројките на природен гас би се вклучувале ретко, при некои врвни оптоварувања на системот или при потреба од брзо балансирање на потрошувачката и на производството – смета Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност (МАЦЕФ).

Инаку, главниот град на Шведска Стокхолм, на пример, беше прогласен за првата европска зелена престолнина. Емисијата на штетни гасови од автомобилите и од целокупниот транспорт е релативно ниска, а сите возови и градски автобуси работат на обновлива енергија. Покрај тоа, емисијата на стакленички гасови е намалена за 25 отсто од 1990 година, а градските власти имаат амбициозен план до 2050 година градот да стане целосно независен од фосилни горива.

Лондон воведе храбри мерки за намалување на загадувањето, наметнувајќи надомест за возилата што сакаат да влезат во централното градско подрачје.
Копенхаген е одличен пример за тоа како со добар модел во урбанистичкото планирање и проектирање можат да се добијат значителни резултати во заштитата на природната средина. Покрај тоа, градот се смета и за некој вид транспортен пионер бидејќи има цел да стане најпрактичен град за велосипедистите во светот.
Ова се дел од искуствата што се применуваат во некои европски градови, но вакви практики се користат и во нашето поблиско соседство.

Имено, во Љубљана, град што беше буквално пренатрупан со автомобили по сообраќајниците, проблемот со загадувањето на воздухот предизвикан од автомобилите, се реши со подобар јавен превоз и со изградба на пешачки и велосипедски патеки. Центарот на градот е забранет за автомобили, кои може да се паркираат во подземни гаражи во близината на зоната без автомобили.

Словенија е пример и за тоа како се решава проблемот со загадувањето на воздухот предизвикано од термоцентралите на јаглен. Имено, далечната 1976 година беше пуштен во употреба оџакот на термоцентралата „Трбовље“, највисок оџак во Европа и седми во светот. Тогашните словенечки власти процениле дека доколку оџакот биде понизок, постои сериозна опасност од загадување на воздухот во Посавјето и населените места покрај Сава. Висината од 360 метри овозможила штетните честички да се исфрлаат во повисоките слоеви на атмосферата и со тоа е спречено загадување.