Една недела пред новата учебна година „Михајло Пупин“ остана без директор

984
Ефтим Пејовски

Со одлука на Советот на градот Скопје, а по иницијатива од Државниот просветен инспекторат, во петокот беше разрешен Ефтим Пејовски, директор на средното стручно училиште „Михајло Пупин“. Неколку дена пред почетокот на учебната година засега нема информации кој е именуван и не се знае дали тоа што училиштето нема директор ќе се одрази на работата. Зачудува фактот дека станува збор за средно стручно училиште, кое е едно од најуспешните во државата. „Михајло Пупин“ годинава прими најголем број ученици во прва година во споредба со другите средни стручни, ако не се земат предвид медицинската и економската струка.

Инаку во училиштето успешно почна и се реализира проектот „20 20 20“ со компанијата ЕВН, кој беше вистинска реформа во средното стручно образование. Првпат компанија и училиште влегоа во заеднички образовен процес, односно по завршувањето на тригодишното образование во ЕВН-паралелките, на најмалку 20 деца, ЕВН им обезбедува вработување.

Покрај тој проект, годинава на 30 април, во присуство на поранешната министерка Рената Дескоска, директорот Пејовски склучи договор со неколку компании меѓу кои „Макстил“, „Ванхол“, „Арцелор Митал“, „Раде Кончар ТЕП“ и „Виталија“, кои, како што беше предвидено, треба да примат на практика 80 ученици, а вкупно 57 требало да бидат вработени по завршувањето на школувањето. Неизвесно е што ќе се случува со тој проект со оглед на новонастанатата ситуација.

Ова училиштето требаше да почне и да произведува сопствена електрична енергија од обновлив извор. За тоа аплицираше во Фондот за иновации и проектот „Фотоволтаична централа“ доби грант.

„Михајло Пупин“ беше пример за стручно училиште во кое се прават анализи на успесите на учениците, за да најде начин да се издигне квалитетот на воспитно-образовниот процес. Во ова училиште секоја година учениците во прва година решаваат тестови по различни предмети, за да се оцени нивото на знаење на учениците и потоа врз основа на резултатите да се планира реализацијата на наставните часови, приспособени на можностите на учениците.