Државни делегации положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев

90

Делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, и пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје и оддаде почит на големиот македонски револуционер.

По повод 117-годишнината од смртта на идеологот и водач на револуционерното национално ослободително движење, владината делегација положи венец со свежо цвеќе и пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Ликот на Гоце Делчев, кој загина на 4 мај 1903 во с. Баница, останува запаметен како обединувач и визионер, кој пред повеќе од еден век порача дека „Светот го разбра како поле за културен натпревар на народите“ и таа порака сплотува и мотивира за почитување и унапредувања на правата во сопствената држава и пошироко со сите народи.