До каде дофрла допрениот глас

112
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последните гласини во јавноста за прислушувани разговори на високи политички функционери објавени на социјалните мрежи, како и информациите за закани кон новинари, но и објавата на лажни вести за датумот за ЕУ, се само дел од најсвежите примери што во изминатиот период беа присутни во јавноста. Иако во некои од нив има сериозни индиции за кривични дела, засега тие остануваат без соодветна реакција од надлежните институции. Ова е општиот заклучок на домашните аналитичари, кои сметаат дека ваквите случаи што речиси секојдневно се објавуваат во јавноста, најмногу на социјалните мрежи, ретко кога влегуваат во фокусот на институциите и добиваат некаква разврска. Според нив, тоа е така бидејќи институциите, бавниот судски систем и компликуваната бирократија за една обична работа честопати ги одвраќаат граѓаните да бидат докрај истрајни и да дојдат до правдата.

Во меѓувреме, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека до нив досега не е пристигната никаква пријава за уцена или изнуда по последните објави во медиумите од кои се брануваше јавноста. Според Ангеловски, за случајот „Ел Чека“ и неговите објави на социјалните мрежи за домашните политичари веќе е поведена истрага во Основното јавното обвинителство. Во тој контекст, портпаролот Ангеловски вели дека МВР комплетно соработува со истражната институција.

Од друга страна, од Јавното обвинителство не добивме одговор на прашањето дали институцијата по последните пишувања во медиумите отворила какви било истражни активности за објавите и дали воопшто до нив стигнале какви било пријави за уцени, изнуди, закани, лажни вести и сл.

Политикологот Милан Стефановски смета дека станува збор за неефикасен системски проблем што ги прави институциите бавни кога станува збор дека тие треба да постапат по некакви иницијални информации или, пак, допрен глас.
– За жал, ние сме држава што почива на лажни вести, дезинформации и секојдневни клевети објавени во јавноста, од кои граѓаните добиваат лоша перцепција за некоја личност или правен субјект. Во Македонија слободно можеш да објавиш што било, а потоа да не бидеш санкциониран ниту, пак, повикан на разговор во надлежните институции ако таа информација се коси со уставниот поредок или навредува некого. Друга работа е што процесирањето на институциите на системот е бавно, особено кај јавното обвинителство кога се работи за сериозни индиции за кривични дела објавени во јавноста. Сето тоа наведува на заклучок дека целиот систем е гнил и се неизбежни суштински реформи во правосудниот систем, проблем што секој час ни го посочуваат ЕУ и САД – вели Стефановски.

Според него, недостига државен план како да се реформира бавниот систем во постапувањето и борбата против криминалот и корупцијата во земјава. Таквата ситуација го става под знак прашалник датумот за преговори што го чекаме во октомври.


Заев: Слободата на говор и на изразување е неприкосновена

Премиерот Зоран Заев вчера на својот фејсбук-профил напиша дека демократијата можеме да ја унапредуваме само ако сме гласни и ако ги штитиме слободата на говорот и слободата на медиумите.

– Како човек и како политичар, најостро осудувам какви било закани упатени до граѓани или новинари и се борам против сите обиди на загрозување на нивниот интегритет. Слободата на говор и на изразување е неприкосновена и нема да дозволам на кој било начин да биде загрозено ова елементарно и загарантирано право. Како премиер на отворена, транспарентна и демократска влада укажувам на важноста медиумите да работат ослободени од притисоци, професионално и, пред сè, за граѓаните и во интерес на владеењето на правото и демократијата – напиша Заев.