ДОМ бара построги казни за загадувачите на воздухот

23

Зелената партија ДОМ бара од државниот, градскиот и општинските инспекторати, засилени инспекциски контроли и санкционирање на загадувачите.

Како што велат оттаму, новиот Правилник за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарни извори во воздухот овозможува инспекторите построго да ги санкционираат загадувачите на воздухот.

-Измената на Правилникот ја иницираше раководителот на градскиот инспекторат во Скопје, Мирослав Богдановски, откако минатата година при инспекциски надзор и извршено мерење биле утврдени покачени емисии од едно правно лице, а постојниот Правилник не давал можност за санкција. Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска организираше формирање на работна група за изменување и дополнување на Правилникот, во која учествуваа стручни лица од Министерството, акредитирани лаборатории, претставници на инспекторатите и здружението на граѓани О2 иницијатива – појаснуваат од ДОМ.