Долгогодишното активно членство на „Бетон“ наградено од Стопанската комора

389
Горан Мауровски во името на „Бетон“ АД Скопје ја прими наградата

„Бетон“ АД Скопје доби награда од Стопанската комора на Македонија како долгогодишна активна членка на Комората, при што се истакнуваат богатото искуство и големиот број референции на компанијата во сите сегменти на градежништвото на домашниот и на странскиот пазар.

– „Бетон“ АД Скопје е долгогодишна и реномирана компанија-членка на Стопанската комора на Македонија, која е активно вклучена во работењето на органите и телата на Комората и во Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората – се наведува во соопштението на Стопанската комора на Македонија.
Основана во 1947 година, „Бетон“ АД Скопје денес претставува современа, технолошки опремена градежна компанија, со богато искуство и голем број референции во сите сегменти на градежништвото на домашниот и на странскиот пазар. Со својот стручен тим и современа опрема, компанијата е подготвена да одговори на предизвиците на модерната архитектура и на современите градежни оперативни зафати.

„Бетон“ АД Скопје во рамките на своето повеќедецениско искуство е докажана компанија во реализацијата на градежни работи од областа на високоградбата (административни, станбени објекти), нискоградбата (патишта, мостови, тунели) и хидроградбата (брани, хидросистеми). Покрај градилиштата, компанијата располага и со производствени капацитети – погон за механизација, со голем број машини и возила, бетонска и асфалтна база.
Во рамките на многубројните референци се вбројуваат Градскиот стадион во Скопје, хотелот „Александар палас“, Судската палата, автопатот Миладиновци – Штип, Автопатот Е-75, ХЕЦ „Света Петка“ и други.
Како долгогодишен член на Стопанската комора на Македонија, „Бетон“ АД Скопје активно е вклучен во работата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Комората, како и во работата на органите на Комората.

Инаку, „Бетон“ АД Скопје го доби тендерот од Агенцијата за државни патишта за рехабилитација на државниот пат А2 од Куманово до Страцин, за втората фаза. Тендерот вреди над седум милиони евра. „Бетон“ АД Скопје е победник и на јавниот оглас на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Компанијата за 1,7 милион евра ќе треба да ги изведе инфраструктурните објекти, односно сообраќајната, хидортехничката, гасоводната и електротеничката инфраструктура за делови од ТИРЗ Скопје 2.