Долги листите на чекање за упис во градинка

985
Фото: Игор Бансколиев

Во Македонија, веќе повеќе од една деценија, родителите се соочуваат со „потребата за фаќање врски“ и за запишување на децата во предучилишните воспитни установи

Еден од поновите „феномени“ на современото живеење е сѐ почесто споменуваната листа на чекање за запишување деца во градинка. Навидум елитистички проблем, кога ќе се направи споредба со состојбата и искуствата во странските земји, каде што за одредени елитни училишта и универзитети се пријавуваат уште неродени деца. Во Македонија, веќе повеќе од една деценија, родителите се соочуваат со „потребата за фаќање врски“ и за запишување на децата во предучилишните воспитни установи.
Според податоците со кои располага Министерството за труд и социјална политика, моментално во Македонија околу 8.000 деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка. На крајот на април годинава во 66 државни детски градинки, во 55 општини биле згрижени околу 36 илјади деца. На оние што ги надраснале искуството и потребата за запишување деца во градинка, овој општествен проблем може да им звучи нелогично и претерано, со оглед на тоа што не е потребно исполнување некакви услови или критериуми за детето да ја посетува оваа предучилишна воспитна установа.

– Дел од проблемот е токму непостоењето на т.н. квоти или критериуми за запишување на децата во градинка. Порано предност при запишување во градинка имаа децата чии двајца родители работеа. Сега ангажираноста на родителите нема никаква улога за детето да биде прифатено во градинка. Друг момент за појавата на ваквата криза во градинките е и поместувањето на старосната граница за пензионирање, на 62 години за жени и 64 години за мажи. Па сега и бабите и дедовците на предучилишните деца се најчесто вработени и немаат реална можност да се ангажираат со чување деца.

Покрај тоа, месечниот износ за престој на дете во јавна градинка изнесува 1.500 денари, што е релативно мала сума за згриженост на детето. Тоа се, да речеме, некои надворешни фактори, кои не се поврзани со воспитниот елемент, кои влијаат на создавање на проблемот со запишување на децата во градинка. Што се однесува до воспитниот дел, иако не е задолжително, сепак е препорачливо децата пред да почнат да одат на училиште, да посетуваат и градинка, што им носи повеќе придобивки – од социјализација, стекнување работни навики, па и стекнување некакви (пред)знаења, иако градинките се, пред сѐ, воспитни установи. Но, за жал, за спроведување на таквата препорачлива практика, се соочуваме со недостиг од просторни капацитети – вели Виолета Саид, магистерка по педагогија и поранешна директорка на една скопска градинка.

Според податоците со кои располага Министерството за труд и социјална политика, моментално во Македонија околу 8.000 деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка

Од повеќе страни е детектирано дека проблемот најмногу се јавува поради недоволниот број градинки или поради нивните мали капацитети. Тој може да биде надминат со проширување на постојните капацитети, но и изградба на нови. Министерството за труд и социјална политика, под чијашто надлежност се градинките, во рамките на својот буџет за 2018 година има издвоено 41.600.000 денари за изградба, адаптација и опремување детски градинки. Нови градинки, според најавите, треба да се изградат со пари од Светска банка. Според една неодамнешна изјава на министерот за финансии Драган Тевдовски, се разгледува можноста за идна соработка со Светска банка токму за помошта во социјалната сфера, во висина од 35 милиони долари, за отворање нови градинки и реновирање на постојните. Дел од решението за надминување на проблемот со сместувачките капацитети во градинките се гледа и во отворањето приватни градинки. Во Р. Македонија има вкупно 30 приватни установи за деца, од кои 24 се приватни градинки, а шест се организациски единици и во нив се опфатени 1.041 дете. Сепак, реалноста е дека приватните градинки се неколкукратно поскапи од јавните и асоцираат на елитност.

– Секој тип градинки, и јавните и приватните, има свои предности и недостатоци, и од аспект на децата, односно нивните родители, но и на вработените во градинките. Предноста на приватните градинки е можеби во тоа што се работи во групи со помалку деца, но јавните градинки се поопремени со стручен персонал од различни профили – секако првенствено со воспитно-педагошки персонал, потоа со медицински, хигиенско-технички… Секако, најчесто одлучувачки момент за избор на градинка е цената што родителите треба да ја платат за месечен престој на нивните деца во градинка – вели педагогот Виолета Саид.
Проблемот со згрижувањето деца е најзабележлив на територија на градот Скопје, каде што функционираат 17 јавни установи за деца – детски градинки. Листи на чекање има во речиси сите општини. Во Кисела Вода на листа на чекање се речиси 900 деца, во општината Аеродром велат дека има 40, додека од општината Карпош тврдат дека немаат листа на чекање.

Директорката на градинката „Росица“ во општината Ѓорче Петров, Скопје, Маја Ристевска вели дека практиката за листа на чекање за запишување деца во нова учебна година, постои од поодамна. Причината за тоа е што нивната установа работи над капацитетот, односно прима повеќе од оптималниот број деца предвиден за една група.
– Сите групи во нашата градинка работат со повеќе од 30 деца. Во некои групи има по 40, па дури и по 50 деца, што е двојно повеќе од препорачливиот оптимален број деца за учителките да го спроведуваат образовниот процес. Нашата градинка има 5 објекти, но сепак мораме да прифаќаме и деца над нашиот просторен и персонален капацитет. Градинката „Росица“, моментално ја посетуваат 1.300 деца. Навистина, уписите се во септември, но родителите можат порано да го најават уписот на своето дете, односно можат да го прават тоа во текот на целата година – вели Маја Ристевска, директорка на градинката „Росица“ во Скопје.

Проблемот со листи на чекање за упис на деца во градинка, најмногу е изразен во Скопје, но сѐ повеќе и во поголемите градови низ Македонија. Сепак, во Дебар нема таков проблем со недостиг од капацитети за децата во градинка. Иако функционира само една градинка, „Брешија“ (објектот е донација на градот Бреша, Италија, по земјотресот во Дебар, во 1967 година), сепак таа е доволна за да ги задоволи потребите на 320 деца во општината.
– Во Дебар не се чека за запишување во градинка. Покрај главниот објект, неодамна ни ослободија и простор во старото училиште, а направивме и доградба за спортска сала и уште за 4 занимални. Во градинката има 45 вработени, а функционираме со 15 групи, што е сосема доволно за потребите на општината Дебар – вели директорката на градинката „Брешија“ во Дебар, Ајрие Дачи.

Фото: Маја Јаневска-Илиева