Доктор Мојсова: Сочувство до семејството, срцето на нивната драга сѐ уште чука и живее

191

Сакам да изразам сочувство на семејството и да им кажам дека срцето на нивната драга чука и дека во суштина сѐ уште живее – изјави д-р Маја Мојсова, националниот координатор за трансплантација, откако успешно заврши првата трансплантација на срце во земјава.

Донорот на срце е 43 годишна жена која загина во сообраќајна несреќа. Нејзиното семејство, сопругот и двете деца, по нејзината смрт дале согласност таа да биде донор. Тројца пациенти добија нови органи како последица на овој хуман чин – кај 54 годишен пациент беше извршена првата трансплантација на срце, а кај двајца бубрежно болни пациенти на дијализа се врши трансплантација на бубрезите на Клиниката за урологија.

– Теретот на целата оваа координација падна на неколкумина од нас. Сето ова немаше да биде успешно доколку не постоеше ова семејство, кое навистина со голема емоција ги донираше органите. Не дека досега не се вршела трансплантација во нашата земја, но таа секогаш се завршувала со трансплантација на бубрези. За мене ова беше нешто многу емотивно, нешто што долго време го спремаме. Не беше случајно вака изведено, имавме многу состаноци, за да ги синхронизираме листите, протоколите, критериумите, но сепак ребаше да се појави некој кој би донирал. Сега, тројца пациенти добија органи. Горда сум што бев дел од целото ова и сметам дека ова може да ни даде уште поголема волја и надеж дека семејствата кога ќе се соочат со загуба на нивни близок, сепак ќе се одлучат да ги донираат органите и дека многу пациенти ќе имаат шанса да продолжат со лекувањето со нов орган и нова надеж – изјави Мојсова.