Доказите не го скршија Ристевски, тоа го стори сведочењето на ќерка му

3911
Сара му верува на Борче Ристевски и нејзината поддршка за него никогаш не престана

Обелечен во истото црно одело, Борче Ристевски не го менуваше изразот на лицето во текот на двете недели поминати во судницата во Мелбурн. Ништо не го потресуваше, ниту доказите на полицијата која тврди оти тој ја убил неговата сопруга Карен во 2016 година, ниту деталите изнесени од патологот за состојбата на телото, или пак, обвинувањата дека ги лажел неговото семејство и властите за да ги скрие трагите. Но еден момент го скрши Ристевски. Кога неговата ќерка Сара (22) влезе во судницата за да ја раскаже приказната за бракот на нејзините родители, тој ги бришеше солзите, пишува австралиски „Њуз“.

Ристевски се соочува со обвинението за убиство на сопругата која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки беа пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Ќерката на Ристевски дава сосема поинаков приказ за нејзиниот татко, во однос на сликата што ја создава обвинителството, кое смета дека Македонецот од Австралија е виновен за убиството на неговата сопруга. Девојката зборуваше како доаѓало до караниците помеѓу Борче и Карен, дури и поради излегувањето до продавница, посочувајќи дека „нејзиниот татко секогаш се обидувал да ја смири ситуацијата“.

– Поврзаноста помеѓу нив е очигледна и искрена. Таа му верува и нејзината поддршка никогаш не престана. Таа се бори во негова полза. Таа го презира начинот на кој медиумите и полицијата го третираа – пишува „Њуз“.

Сара беше покрај Борче Ристевски на прес-конференцијата организирана набргу по исчезнувањето на Карен, таа ја издржа опсадата на нивниот дом во Мелбурн, од страна на медиумите, порачувајќи дека ги мрази. Судот имаше прилика да слушне од Сара, како прашањата на медиумите ја прогонуваат, на последниот ден од судското сослушување на кое треба да биде одлучено дали случајот на Ристевски ќе продолжи со судење. 

Судијката Сузан Камерон треба да одлучи дали постојат доволно докази за Ристевски да биде суден за убиство, за убиство без умисла, или пак, да нема судење. Адвокатите на Ристевски побараа од неа да размисли за полесното обвинение. Се очекува судот да ја соопшти одлуката в четврток.

Карен (лево) заедно со Борче и со Сара

Снимениот телефонски разговор ја покажува збунетоста на Сара Ристевска

Збунетоста на Сара во врска со настаните поврзани со случајот се забележува во снимениот телефонски разговор со нејзиниот татко, пренесуваат медиумите.

– Знаеш што сакам да знам. Ти беше надвор од куќата два часа и твојот телефон беше исклучен два часа. Беше забележан телефонски сигнал од твојот телефон од автопатот. Ти возеше? – го прашува Сара нејзиниот татко, по што тој одговори дека „полицијата сака тоа да го подметне“, на што девојката возврати оти тоа нема смисол, со што Борче се согласи.