Доделена државната награда „11-ти Октомври“

318

На преведувачот и писател Драги Михајловски, на писателот и новинар Ристо Лазаров, на актерот Петре Арсовски и на хирургот-уролог Александар Ставридис денеска во Собранието на Република Македонија им беше врачена државната награда „11 Октомври“ за 2018 година.

Наградата Михајловски, Лазаров и Арсовски ја добија за животно дело во областа на културата и уметноста, а Ставридис за животно дело во областа на здравството.

Одлуката ја донесе Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“, која е највисоко признание за животно дело. На добитниците наградата „11 Октомври“ им ја врачи претседателот на Одборот, Драги Ѓорѓиев.

– Делата на добитниците на ова високо признание покажуваат и потврдуваат дека македонското општество има личен, институционален и цивилизациски капацитет и визија да ја гради својата иднина, препознавајќи ги вистинските квалитети. Денес имаме чест да ја потврдиме и наградиме креативноста, оргиналноста и истрајноста на четири творечки умови, чија посветеност и професионални резултати го зацврстуваат нашиот прогрес, општествена хармонија и цивилизациски вреднувања – рече Ѓорѓиев.

Нивното знаење, имагинација и дух, вградени во нивната долгогодишна работа, посочи, го збогатуваат и го олеснуваат нашето живеење и се дел од постоењето и градењето на визијата за иднината.

Во име на добитниците на годинашната награда „11 Октомври“ се обрати Лазаров, кој се заблагодари и рече дека „високото признание го сфаќа како следбеничко чекорење по славните врвици на големите татковци на современото македонско општество, тие што во мракот го пробија патот до светлината, тие што од искушенијата правеа решенија“.

Лазаров има објавено 30 поетски книги и речиси пет децении е присутен не само во македонската култура пред се како поет, преведувач, есеист и критичар, туку и пошироко како личност со меѓународно стекнат авторитет, како прекалено новинарско перо и учествувал во претставувањето на македонската литература…

Михајловски е автор на повеќе збирки раскази и романи, како и на книги за деца и млади од кои некои се преведени на повеќе јазици и има преведено повеќе од 140.000 стихови од англиски на македонски јазик, како и многу романи, раскази и драми.

Актерот Арсовски е поеднакво присутен во македонскиот театар, во македонската кинематографија и ТВ продукција, а од неговата прва филмска улога досега настапил во 77 филмски и телевизиски остварувања.

Хирургот-уролог Ставридис бил шеф на Катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје и директор на Клиниката за урологија. Тој на илјадници студенти им го пренел своето знаење и искуство. Повеќе стотици специјализанти по урологија, хирургија и гинекологија имале чест да бидат со овој значаен педагог и едукатор.

На врачувањето на државната награда „11 Октомври“ во Собранието присуствуваа премиерот Зоран Заев, поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, пратеници, академици…