ДОГОВОР ИЛИ СПОГОДБА – Факти или фалсификати

938

УРГЕНТНО ОТВОРЕНО ПИСМО ПРЕД РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ
ОД Панде Колемишевски, новинар

До
Талат Џафери, претседател на Собранието
Зоран Заев, претседател на Собранието
До претседателот на СДСМ
До претседателот на ВМРО – ДПМНЕ
До сите пратеници
До медиуми
Почитувани,
Ургентно укажувам дека најавеното референдумско прашање во кое ќе стои
зборот Договор ќе биде неправилно, крајно неточно, незаконско, нелигитимно,
ќе биде фалсификат што може да предизвика разни реперкусии. Владата на
Република Македонија (министерот за надворешни работи во нејзино име)
нема потпишано со Грција никаков документ што се именува Договор за името.
Собранието на Република Македонија нема ратификувано никаков Договор за
името со Грција. Официјалниот наслов на тој документ е : Конечната
спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и
845 (1993) на Советот на безбедност на Обединетите нации, за
престанување за важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за
воспоставување и за стратешко партнерство. Значи : има Спогодба, нема
Договор.

Граѓаните на референдум може да се изјаснуваат само за она што е
официјален документ, што носи официјално име, поточно за Конечната
спогодба, а не за некаков Договор што не постои или можеби е друг, непознат
документ за јавноста.

Во текот на овие две недели во два наврата во весникот „Нова Македонија’’
пишував за погрешното именување на постигнатата спогодба со Грција за
името. На 24 јули објавив отворено писмо до претседателот на Собранието
Талат Џафери, до претседателот на Владата Зоран Заев и до министерот за
надворешни работи Никола Димитров. Писмото го доставив и во напишана
форма во архивите на трите институции за што имам и нивни потврди.

Во писмото укажав дека Спогодбата што е потпишана во грчка Преспа
погрешно се именува со зборот Договор. Објаснив и образложив дека
договореното со Грција не може да се нарече Договор затоа што е постигнато
низ процес за медијација, а во медијацијата тој термин не постои. За жал, на
моите укажувања не им е обрнато внимание, иако не станува збор само за
формална, туку за суштинска разлика.

Во прилог на моето упорно тврдење дека станува збор за потпишана,
прифатена и ратификувана Спогодба а не за Договор ви испраќам како
непобитен доказ само делови од стенографските белешки од Педесет и првата
седница и од Првото продолжение на Педесет и првата седница на
Собранието на Република Македонија оддржана на 20 јуни 2018 година,
копирани од официјалната електронска страница на Собранието.

СТЕНОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ

oд Првото продолжение на Педесет и првата седница на Собранието на

Република Македонија, одржана на 20 јуни 2018 година

Почеток на седницата :
Седницата се одржа во Собранието на Република Македонија, Сала
Македонија, со почеток во 11,16 часот.

Седницата ја отвори и на неа претседаваше господинот Талат Џафери,
претседател на Собранието на Република Македонија.
Талат Џафери: Почнуваме со работа по Педесет и првата седница на
Собранието на Република Македонија.

Минуваме на прва точка – Предлог на закон за ратификација на Конечната
спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и
845 (1993) на Советот на безбедност на Обединетите нации, за
престанување за важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за
воспоставување и за стратешко партнерство меѓу страните, по скратена
постапка, второ и трето читање.

На крајот на седницата:
Талат Џафери : (цитат) Предлогот на законот во целина го ставам на
гласање, ве повикувам да гласаме. Вкупно гласаа 69 пратеници. Сите 69
гласаа за, воздржани нема, против нема. Констатирам дека Собранието го
донесе Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на
разликите опишани во резолуциите од 817 (1993) и 845 (1993) на Советот
за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на
Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на
стратешко партнерство меѓу страните.
Бидејќи дневниот ред е исцрпен, констатирам дека Педесет и првата
седница на Собранието на Република Македонија е завршена.
Честитам. (завршено цитирање)
(седницата заврши во 13:19 часот)

ПОД 2.
За да нема забуни. На почетокот на 51 седница како точка во дневниот ред е
утврдено Ратификација на Конечната спогодба (го нема зборот договор).

Во тој контекст го пренесувам во целина, (исто копирано од официјалните
стенографски белешки), воведното излагање на министерот за надворешни
работи Никола Димитров, кој ратификацијата на спогодбата ја поврзува со
зачленувањето во НАТО и ЕУ, што е дел од прашањето за најавениот
референдум.

Никола Димитров: (цитат) Почитуван претседателе на Собранието на
Република Македонија, почитувани пратеници, дами и господа,
почитувани граѓани.

Со оглед на тоа што предлогот на законот за ратификација на конечната
спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот
за безбедност на Обединетите нации 817 и 845 од 1993 година. За
престанување на важноста на времената спогодба од 1995 година за
воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните е предвиден
како дел од Националната програма за усвојување на правото на
Европската унија, ревизија 2017та и 2019та година со ЕПП број 2018-
12007576 во делот за политичка и критериуми во подрачјето 1.5.2 во
регионална соработка и меѓународни обврски со рок за донесување во
Собранието до 22.06.2018 година. Од тука повеќе од неопходно е
Собранието да одлучи да овој предлог закон да се донесе по скратена
постапка. Грција согласно Спогодбата има обврска по известувањето
дека Собранието ја ратификувало оваа спогодба да го извести на
претседателот на Советот на Европската унија дека дава поддршка за
почеток на преговори за членство со Европската унија. Исто така, Грција
согласно Спогодбата треба да го извести генералниот секретар на НАТО
дека дава поддршка НАТО да и упати покана, да ни упати покана за
пристапување. Јунскиот Европски совет е пред нас, министрите за
надворешни работи на земјите членки на унијата ќе заседаваат на 25 и 26
јуни додека Самитот на Европскиот совет е на 28 јуни. Овие датуми се
клучни за Европската перспектива на нашата земја и зависат од
ратификацијата на спогодбата. Затоа, за да ги испорачаме овие резултати
од кои зависат одлуките од претстојниот јунски Европски совет,
предлагам Собранието да одлучи овој предлог закон да се донесе по
скратена постапка. На крај, дозволете ми да потсетам на уште една многу
важна можност што се отвора со што поскората ратификација на овој
предлог закон. Тоа е можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина,
можност која ќе им биде дадена на есенскиот референдум. Благодарам.
(крај на цитатот)

На крај, сметам дека сите наведени факти водат кон заклучокот дека при
определувањето на во референдумското прашање во конечниот текст да стои
зборот Спогодба (Конечна спогодба) а не Договор, како што е најавено.
Панде Колемишевски