Договорите за добрососедство кријат многу стапици

1141

Политичарите и аналитичарите се согласни дека допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков, односно во насока на преиначување на македонската историја според нивни потреби

Независно од расположението за проширување во земјите-членки на Европската Унија и политичките интереси и стратегии на европските лидери, евроинтегративниот пат на Македонија е условен и од исполнување и почитување на одредбите од договорите за добрососедство и соработка со соседите Бугарија и Грција. Всушност, главна причина за потпишување на тие договори беше идејата Македонија, како земја-кандидат за членка во ЕУ, да манифестира европски вредности, односно подготвеност за надминување пред сѐ на различните погледи за одредени историски прашања со соседите. Но се чини дека покрај тоа што овие договори предизвикаа политички турбуленции и продлабочување на поделбите во општеството, земјава со нив како да стана и поизложена на политички условувања и уцени, токму од соседите.

Во една од повеќето епизоди што се одвиваат речиси паралелно се појави предизвикот упатен од бугарската страна на мешаната образовно-историска комисија што ја сочинуваат експерти од Македонија и Бугарија. Таквата наметната тензија трае од последниот состанок на комисијата во Скопје, некаде на почетокот од јуни, кога беше кажано дека комисијата го остава отворено за понатамошна дискусија усогласувањето на улогата, значењето и најмногу националната припадност на револуционерот и идеолог на македонската борба за независност Гоце Делчев. Високи функционери од бугарската влада, како министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, дури категорично се заканија дека бугарската страна ќе ја напушти работата на комисијата доколку македонската страна не ги прифати нејзините историски позиции, кои на крајот се сведуваат на бугарскиот став дека Гоце Делчев е Бугарин, а Илинденското востание е бугарско востание, односно за ослободување на Македонија од Отоманската Империја и нејзино присоединување со Бугарија… Таквата позиција е сосема спротивна од досегашното македонско историско гледиште и за Гоце Делчев и за Илинденското востание, кои се сметаат за темелите на македонската државност.

Последната изјава на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, откако Македонија доби одложување на одлуката за добивање датум за почеток на преговорите на последниот самит на ЕУ, минатата седмица, дека „Македонците треба да зреат за да добијат датум за преговори со ЕУ“, во контекст на актуелниот спор за Гоце Делчев, само ја истакна условувачката позиција што ја има бугарската страна во овој добрососедски договор. Навистина, македонскиот премиер Зоран Заев реплицира на социјалните мрежи на оваа изјава на Борисов.

– Се договоривме дека заедничките моменти од минатото треба да нѐ спојуваат, а не да нѐ раздвојуваат. Искуствата од историските комисии низ светот и Европа покажуваат дека соработката бара време, труд, трпение, почит кон другиот и голема заемна посветеност. Но, пред сѐ, потребна е заедничка идеја да одиме напред. Ние знаеме дека таа идеја е жива и сме покажале дека за најделикатните прашања може да се најде заеднички јазик, ако се сака. За да успееме треба заедно да зрееме. Пријателството мора да биде двострано и заемно – наведува Заев во објавата на неговиот официјален фејсбук-профил.

Од друга страна, ваквите ригидни позиции и ставови на бугарските политичари во македонската јавност се доживуваат како провокација и како најава за барање нови отстапки.

Во текот на неколкунеделната македонско-бугарска „престрелка“ со изјави и ставови по прашањето за Гоце Делчев, која главно се одвиваше на социјалните медиуми, а бугарските политичари отворено лиферуваа ултиматуми, македонските политичари се воздржуваа и избегнуваа да даваат свои ставови за историските теми и личности. Таквиот однос кон историските прашања, македонските политичари го оправдуваа дека со тоа не сакаат да вршат политички притисок врз работата на експертската комисија.

– Со самиот факт што тие комисии се создадени од политички причини, или договори, се очекуваше дека и нивната работа ќе биде под силен политички притисок. Во однос на работата на македонско-бугарската историска комисија, очекувам понатаму како што Македонија ќе биде пред некој нов клучен момент во нејзините евроинтеграции, бугарската страна сѐ повеќе да притиска со наметнување на своите позиции за историските прашања во кои се состојат клучните разлики. Односот на македонските политичари во оваа ситуација, со избегнување да даваат изјави, за наводно да не вршат притисок врза работата на комисијата, го ценам како нивно ретерирање, т.е. бегање од одговорност и целиот товар да биде и политички притисок да биде на грбот експертите што работат во комисиите – смета професорот Страшко Стојановски од Правниот факултет при УГД, Штип.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во едно ТВ-интервју изјави дека работата на историската комисија постепено ќе станува и политички проблем, но со неговото согледување на националната декларативност на Гоце Делчев предизвика жестоки и контроверзни реакции во македонската јавност.

– Сигурен сум дека постепено ќе станува политички проблем. Тврдам дека допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков. Неоспорна историска вистина е, за сите што имаат малку сознанија од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но дали не е стопроцентна историска вистина дека Гоце Делчев се борел за македонска држава, автономија, независна држава, па дури и на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија. Не постои ниеден документ што вели дека Гоце Делчев се борел за голема Бугарија или изјави или став дека се борел за припојување на тогашната провинција во османлиското царство Македонија, кон Бугарија – рече Пендаровски.
Со развојот на настаните во македонско-бугарските односи, предизвикано со отворањето на спорните историски прашања, сѐ позабележливо е дека Македонија на својот европски пат како да се заплетка во историската стапица на политичките договори. Тоа логично го наметнува прашањето дали постои излез за Македонија од оваа политичка стапица, односно да не биде уценувана од соседите со историските прашања или истите тие да се користат за политичка злоупотреба.

– Ние ќе моравме да разговараме за историските прашања со соседите дури и да не беа наметнати историските комисии со политичките билатерални договори. Науките, па и историската наука, се подложни на развој. Се доаѓа до нови сознанија, нови извори и, секако, некои тези и ставови треба да се предефинираат. Но политичкиот притисок секако не е поволен за работата на научните експерти и какво било решение да биде донесено ќе изгледа како изнудено. Сметам дека политичкиот притисок ќе се амортизира доколку се отвори поголема научна дебата, со поширок круг научници, специјалисти за одредени историски периоди. На начинот на кој работат експертите во вака поставените мешани комисии, неизбежно се подложени на голем политички притисок и одговорност – заклучува професорот Страшко Стојановски.