Димитров: Мојата земја денес е успешна приказна, која треба да биде охрабрена и поддржана

132

Работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја продолжи со учество на настан коорганизиран од страна на парламентарните групи на зелените и на германската секција на Унијата на европските федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, социјалдемократите, зелените и либералите.

Зборувајќи како главен говорник на темата „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, Димитров пред присутните пратеници, претставници на владата, дипломатскиот кор, медиумите, НВО-секторот и другите гости се осврнал на искуствата од решавањето на спорот со Грција и предизвиците за натамошната имплементација на преспанскиот договор притоа потенцирајќи ги значењето и придобивките од договорот за земјата и регионот.

– Во таа смисла министерот Димитров потенцира дека договорот претставува добра вест за целиот регион и ЕУ и е пример за тоа дека преку визионерско лидерство и јасна европска перспектива на Балканот се можни решенија, дури и на најделикатните отворени прашања. Препознавање и зацврстување на придобивките од договорот, заедно со резултатите во делот на домашните реформи, ќе претставува валоризација на системот на заслуги и условеност и јасен сигнал за европската иднина на целиот регион – соопшти МНР.

Во тој контекст Димитров додатно истакна дека и покрај тешката политичка ситуација во Европа денес, претстојните европски избори, сите прашања поврзани со тоа, едноставно го немаме луксузот да не успееме во создавањето успешни приказни.

– Мојата земја денес, Северна Македонија, е успешна приказна, која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика. Најголемата научена лекција од сето ова е дека ние можеме да направиме разлика. Ништо од ова, ниту помирувањето ниту преспанскиот договор, не беше неизбежно. Напротив, се случи бидејќи ние тоа го направивме заедно со лидерството во Атина – рече Димитров.

Навраќајќи се на потребата од одржување дофатлива европска перспектива и активен европски ангажман во регионот, Димитров потенцираше дека искрено верува во ангажираниот однос со нашиот регион.

– Јас искрено верувам дека ангажираниот однос со нашиот регион, признавањето на напредокот и неговото наградување е не само правилниот пристап туку и помалку скапиот пристап. Неангажираноста би била далеку поскапа. Ова го видовме и преку мигрантската криза во 2015 и 2016 година и важноста на Западен Балкан за безбедноста на самата Европска Унија. Мислам дека иднината на регионот е европска, нема алтернативна стратегија. Иако поголемиот дел од работата е наша дома, сите мораме искрено и отворено да размислиме што ќе правиме со овој регион. Доколку сакаме државите во регионот да ги направиме европски, каде што владее правото, постојат функционални спреги и кочници и подобри економии, тогаш единствениот пат е пристапниот процес – истакна Димитров.

Работниот ден во Берлин опфатил и средби на Димитров и со пратеникот од СПД и член на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Јосип Јуратовиќ, главниот советник на канцеларката Меркел за европски прашања, Уве Корсепиус и со специјалниот пратеник за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА-земјите во германското МНР, д-р Кристијан Хелбах. Во разговорите со германските соговорници Димитров го презентирал напредокот на Македонија реафирмирајќи ги аргументите и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годинава и потенцирајќи ја важноста на германската поддршка во тој процес.