Димитров во Брисел на средба со потпретседателот Схинас

78

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, попладнево во „Берлејмон” во Брисел имаше средба и со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас.

На средбата стана збор за важноста на мисијата Фронтекс во овие моменти кога се реактуелизира прашањето на миграција. Потпретседателот Схинас изрази силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и подготвеност за поддршка од неговиот тим во областите од неговата надлежност.

Во рамки на посетата на Брисел, вицепремиерот Димитров денес оствари средби и со еврокомесарот за соседство и проширување, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување со Европската комисија.

На маргините на Советот за општи работи на ЕУ, кој по неколкумесечна пауза заради пандемијата денес ги реактивираше состаноците во Брисел, Димитров имаше средби и со претседавачот на Советот, германскиот министер за Европа Михаил Рот и МНР на Луксембург, Жан Аселборн.

Главниот акцент во разговорите беа следните чекори на европскиот пат на нашата земја, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство.

Првата посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање се случува во исклучително важен момент за Северна Македонија, во светло на дефинирање на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што ќе означува и официјален почеток на пристапните преговори со Унијата.

На средбите Димитров ги отвори прашањата поврзани со ИПА 3 програмата, имајќи го предвид утврдувањето на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ 2021-2027 што е актуелно периодов. Во тој контекст се зборуваше и за подготовките за димензионирање и објавување на најавената Економска програма за развој и инвестиции за Западен Балкан.