Димитров: Благодарни сме на Чешка за обезбедување материјал за медицинскиот персонал

91

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, во својство на национален координатор за странска помош во земјава, заедно со амбасадорот на Чешка во Северна Македонија, Мирослав Томан, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, денеска ја презентираа донацијата што Чешката Република преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ја обезбеди за Република Северна Македонија, како поддршка во борбата против ковид-19.

– Подготвувајќи го процесот на имунизација, фокус на Владата на Северна Македонија е обезбедување заштитен материјал, пред сè за оние коишто се во првите редови, за медицинскиот персонал. Нашите пријатели од Чешка излегоа во пресрет на нашето барање што беше поднесено преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ – рече Димитров.

– Чешка ни е голем пријател. Ја користам оваа можност да се заблагодарам на чешкиот народ, на чешката влада за оваа помош, од името на нашата влада и исто така затоа што се принципиелни поддржувачи на политиката на проширување, но и промотори и чувари на европската заедница на вредности, што стана особено видливо и јасно во декември минатата година – додаде тој.

Од страна на Владата на Чешка беа донирани 108 000 хируршки маски, 18 000 ФФП2 маски и 5000 медицински скафандери, за медицинскиот персонал во земјава.​