Димитриевски бара од МТСП да го повлече решението за одземање ингеренции за градинките

107

Неиздржано, селективно и пристрасно го оцени кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, решението на МТСП со кое се одзедоа ингеренциите на градоначалникот во однос на назначување директор на кумановската градинка, „Ангел Шајче“.

Тој на денешната прес конференција ја повика министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да го преиспита и да го повлече решението, со кое рече дека Министерството директно се меша во кадровскиот избор на директор во оваа установа.

Од МТСП соопштија дека решението за одзмење на ингеренциите се спроведува поради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата.

-Ја повикувам министерката да го преиспита и да го повлече, бидејќи општина Куманово не заслужува ваков третман – рече Димитриевски.

Тој вели дека оценката за решението како тенденциозна, ја дава бидејќи на 1 јануари годинава, ненајавено, инспектор од Mинистерството ја посетил општината без, како што рече, налог за какви било контроли.

-Јасно и гласно ми беше ставено на знаење како градоначалник, доколку не отпочнам постапка, при тоа прејудицирајќи на избор на директор, ова ќе се случи. Жалам што една вакава работа се случува во една демократска општина каква што е Куманово. Куманово тоа не го заслужува и јас како градоначалник на нашата општина ќе се погрижам на целава оваа работа да и биде ставено крај и сите аргументи и факти ќе ги изнесам пред лицето на јавноста – изјави Димитриевски.

Тој смета дека решението е селективно, бидејќи во оваа институција во 2015 е извршен избор на директор, повторно како што рече, спротивно на овој член на законот на кој се повикува Mинистерството, но тогаш додаде, никој не се дрзнал да ги одземе ингеренциите. Тој рече дека е должен како градоначалник да обезбеди правно работење на сите институции под надлежност на општината, вклучително и градинката.

-Главниот проблем овде е министерката Царовска, рече Димитриевски и ја повика уште еднаш да ги преипита одлуките со оваа активност и да ја врати надлежноста на општината. Тој на прес конференцијата исткна дека праксата покажува дека избор на директор може да се врши непречно без разлика дали овој член на законот ќе се почитува или нема да се почитува. Димитриевски вели дека во некои општини праската покажала дека во некои општини во Македонија има исти случаи каде што, навремено не е почната постапка за избор на директор, како пример во општина Центар и дека таму не се преземени никакви активности. Тој потенцира дека решението е тенденциозно и дека согласно законот ќе го почитува и апелираше до министерката да се укине решението, преиспита и ја повика да се извини на општина Куманово, бидејќи додаде ова е се само не децентрализација.

Тој рече дека не ги дели граѓаните и нема да дозволи никаков притисок врз него и соработниците, за кои рече дека во последно време ги има многу. Битно е установата да функционира непречено. Правото на избор нагласи го има секој, а водејќи се од своите начела смета дека секој треба да има отчет за своето работење. Тој рече дека во оваа институција директорот функционира три мандати и дека досега имал укажување за неработење и незадоволства и додаде дека општината никогаш не направила ревизија за финансиското работење, во која рече се трошат пари на граѓаните.

Тој додаде дека ќе делува институционално и дека ова е несреќна одлука на министерката и рече дека треба да ги решава социјалните проблеми на граѓаните во Куманово и нагласи дека ова е нејзина примарна задача, а не одземање ингеренции. Тој истакна дека Куманово и останатите општини се претворени во центри за социјална помош.

Одговарајќи на новинарски прашања кои се притисоците и дали се слушнал со министерката, Димитриевски рече дека добил предупредување, пред донесувањето на решението, но бидејќи користел годишен одмор и бил отсутен се обидел да исконтактира и нагласи дека за ова решение дознал од медиумите, по што го добил решението за кое рече, нема правна поука и право на жалба. Ја лоцираше одговорноста кај министерката и рече дека треба да го повлече решението. Не сакаше да ги каже притисоците и најави друга прес конференција. Димитриевски рече дека не се рабти за партиски недоразбирања, туку за институционални, министерката вели сака да прејудицира кадровско решение и дека се нејзини лични ставови.

Министерството за труд и социјална политика ги одзеде ингеренциите за управување со градинките на Општина Куманово поради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата, соопштија од МТСП.

-Оваа одлука е донесена откако при вршење надзор на работата беа утврдени недостатоци во спроведувањето на постапката за распишување оглас за директор на детски градинки. На градоначалникот му беше дадено укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите, преку уредно примен допис на 4.01.2019 година. Откако градоначалникот не постапи според даденото укажување, Министерството за труд и социјална политика ги презема ингеренциите за управување со градинките на период од една година, согласно членот 201 од Законот за заштита на децата, се вели во соопштението на Министерството.

Освен, на Куманово ингеренциите по истата основа пред околу еден месец се одзеземни и на Општина Струга, велат од МТСП.

-Постапка за одземање на ингеренциите во двете општини е водена целосно согласно законските прописи и нема никаква основа за преиспитување на овие одлуки. Целта на ваквото постапување е да се овозможи непречено работење на градинките и да се гарантира квалитетна грижа за децата- се наведува во соопштението.