Децата се жртви на новите трендови во исхраната

Веганството и вегетаријанството сѐ почесто се промовираат како најздрав начин на исхрана, кој на луѓето ќе им даде долговечност и живот без болести, па, верувајќи во тоа, родителите се одлучуваат и своите деца да ги насочат кон исхрана во тој правец што неретко завршува со сериозни нарушувања на здравјето

Информациите достапни на Интернет и постојаното промовирање нови трендови во начинот на исхрана сѐ почесто резултираат со несакани последици, пред сѐ за идните и за оние што веќе се родители и за нивните деца. Веганството и вегетаријанството изминатиот период стануваат клучен начин на исхрана на голем број млади луѓе, кои, поради достапните информации на Интернет, одлучуваат својот начин на исхрана да го сменат така што ќе консумираат само растителна храна. Тука се и заштитниците на животните, кои поради тие причини не користат ништо што е од животинско потекло. Вегетаријанството е нешто постар начин на исхрана, но веганството е модел на исхрана од нешто поново време. Веганите не консумираат ништо од животинско потекло. Се хранат исклучиво со познатата „жива“ храна, односно со зеленчук, кој воопшто не го обработуваат термички. И таквиот начин на исхрана сѐ почесто се промовира како најздрав начин, кој на луѓето ќе им даде долговечност и живот без болести, па, верувајќи во тоа, родителите одлучуваат и своите деца да ги насочат кон исхрана во тој правец.

– Голем број светски нутриционисти велат дека веганството е најздравиот начин на исхрана што може да постои. Тој начин не дозволува да се развијат сериозни болести, како што е канцерот, дава енергија, но е и режим што гарантира дека нема да добиете прекумерна тежина. Поради тоа, покрај тоа што јас и мојот сопруг одлучивме да бидеме вегани, донесовме одлука и нашето дете да го храниме исклучиво со здрави неживотински намирници. Па, така, откако почнавме со дохрана на бебето, му даваме исклучиво овошје и зеленчук – вели Ана С.

Освен тоа, некои луѓе се родени со одбивност кон месото.

– Вегетаријанец сум цел живот. Нема некоја посебна причина, освен фактот дека месото едноставно ми е одвратно на вкус и мојот организам не може да го прифати. Здравствени проблеми немам никакви, а еве имам 32 години. Единствено нешто што би го посочила како проблем е тоа што кога се породив, моето бебе имаше недостиг од протеини, па имаше отечени ножиња и мораше да биде под терапија за да биде следено. Бидејќи беше на доење, докторката ми препорача да внесувам козја сурутка, како производ што има доста големо количество протеини, за преку млекото да може да ги искористи син ми. За среќа, сѐ се среди и немаше потреба од дополнителни лекарства за бебето – вели вегетаријанката Кики Стојановска.

Таа, како вегетаријанка, решила кога детето ќе почне со внесување цврста храна, да воведе месо, но не во обемни количества и не толку често, со што повторно се соочила со здравствени проблеми кај своето дете.
– Еднаш во две недели му давав телешко месо на син ми и сето тоа ми се удри од глава. Бев убедена дека штом јас цел живот немам проблем, нема да има и тој, но згрешив. Имаше анемија, а педијатарот веднаш ме праша како го хранам и ми направи неделно мени, во кое четири пати беше вклучено телешко месо, двапати јајце, особено жолчка, а дополнително моравме да користиме и суплемент за зголемување на хемоглобинот. Оттогаш решив повеќе да не си играм со здравјето на син ми и да ги слушам препораките на педијатрите, кои најчесто тврдат дека здравјето на децата е во избалансираната исхрана – објаснува таа.

Токму затоа и педијатрите предупредуваат дека таквата определба, родителите не треба и не смеат да ја имплементираат и на своите деца, бидејќи таа може да е кобна за здравјето на детето, кое е во интензивен раст и развој.

– Децата треба да се хранат разновидно. Имав случај кога една мајка одлучи своето дете да не го храни со месо и млечни производи, туку одвреме-навреме да му дава риба. Уште два други случаи на веганство и вегетаријанство ги доведоа децата до страшна анемија поради недостиг од железо во крвта. Железото не суплементира и намален е отпорот кон инфекции кај тие деца – вели докторката Светлана Смугреска, педијатарка и специјалистка по семејна медицина.

Таа истакнува и дека кај децата чии родители не им давале да се хранат со храна од животинско потекло може да се јави и хормонален дисбаланс, што може да биде и кобно за детето.

– Имав и случај кога девојче вегетаријанка, откако го доби месечниот циклус, имаше премногу обилни и чести крвавења како последица на дисбаланс во хормоните – вели таа.

Докторката нагласува дека децата треба и мора да се хранат разновидно и дека треба самите да бидат оставени да јадат што сакаат.

– Детето ќе порасне и само ќе одреди што сака, а што не сака да јаде. Родителите не треба да бидат тие што ќе го прават изборот во нивно име, а особено да не ги насочуваат кон веганство и вегетаријанство уште од најмала возраст – заклучува Смугреска.