Дескоска: 2019-та да биде година на реформи во правдата

93

Очекувам Собранието во 2019 година да биде посветено на реформскиот пакет и оваа година да биде година на реформи во правдата, бидејќи тие се клучниот избор за евроинтеграцијата, кажа министерката за правда Рената Дескоска на денешниот брифинг со новинарите во Клубот на пратеници, каде што информираше за статусот на реформите и за претстојните предизвици за законите за правда. Дескоска објасни што е приоритет во носењето на пакетот европски закони кои се очекува Собранието да ги донесе годинава.

Говорејќи за Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, министерката посочи оти од ВМРО-ДПМНЕ е поднесен амандман со кој се бара контролата на финансирањето на политичките партии да не биде во надлежност на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

– Сметам дека тоа се барања што не можат да бидат удоволени. Ако бидат удоволени, тоа ќе значи носење на закон што нема да биде во согласност со препораките на Европската комисија, што е неприфатливо за нас како Влада – рече Дескоска.

Министерката за правда истакна дека неприфатливо е и барањето за формирање Национален совет за борба против корупцијата, бидејќи тоа би значело паралелност во делувањето и во работата на Антикорупциската комисија.

– Во делот на судството, очекувам безрезервна поддршка од целиот Парламент за носење на Законот за судови, кој што веќе има позитивна оценка од Венецијанската комисија, и тоа е оценка која укажува дека сите нивни препораки се имплементирани, и секако, поддршка во Законот за прекршоци со кој се намалуваат казните и глобите на граѓаните и фирмите. Следни закони кои што ќе ги пуштиме во процедура се Законот за јавно обвинителство, каде што клучно прашање е регулирањето на статусот на Специјалното јавно обвинителство и неговата надлежност, односно нивното разграничување на надлежноста со Обвинителството за организиран криминал – истакна Дескоска. В.Т.