Дескоска: Целта ми е политиката да излезе од образованието

547

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска вели дека политиката треба да излезе од образованието и дека се обидува да ја афирмира  автономијата на Универзитетот. 

– Основната цел која ме води мене во ова министерство е дека политиката треба да излезе од образованието. Јас како дел од образовниот систем пред да дојдам на оваа функција, секојдневно ние го чувствувавме политичкиот притисок на Универзитетот. Губењето и газењето на автономијата на Универзитетот беше еден процес којшто имаше длабока политичка заднина. Ние сме се бореле против тоа и сме протестирале и јас сум била дел од тие професори кои го кренале гласот и мислам дека неумесно е против тоа што сте се бореле да го правите истото – рече Дескоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа .

Таа понатаму вели дека се обидува да ја афирмира автономијата на Универзитетот, слободата на мислата и деполитизацијата на образованието. 

За тоа дали ќе се ревидираат учебници по географија и историја во рамки на договорите за добрососедство на Македонија, Дескоска вели дека такви процеси не почнале во Министерството, ниту, пак, некој официјално тоа го побарал од нив.

– Сега главно фокусот ни е на оние учебници, претежно од природните науки, граѓанското образование, оние каде што лесно се забележуваат грешките. Граѓанското образование ни е од посебен фокус од причини што целта ни беше да дадеме еден активистички пристап кон политичките процеси кај учениците – изјави Дескоска во интервјуто за РСЕ.
Вели дека во проверката на учебниците што е во тек, сега веќе и експертски групи прават анализи на одредени учебници по физика, хемија, каде е воочено дека има погрешно презентирани податоци, погрешни формули, физички закони, погрешни преводи…

– Нашата цел е она што е воочено како грешка од самите наставници во основните и во средните училишта сега се дава на проверка на експерти од таа област да биде исправена. Не станува збор за бришење на историја или измена, тоа е апсурдно кој било да помисли тоа да го прави. Ние сакаме да им дадеме на нашите ученици можност да учат од учебници кои не содржат грешки – изјави Дескоска во интервјуто за Радио Слободна Европа.