Дескоска се сретна со Блу принт, групата која ги следи правосудните реформи

27
Министерката за правда, Рената Дескоска, се сретна со Блу принт, групата на граѓански организации со фокус на работа на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување – претставници од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за европски политики и Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Во фокус на денешната средба беа решенијата од Предлог-законот за Јавното обвинителство, при што главна тема на состанокот беше клучниот камен на сопнување во разговорите со опозицијата за Законот за Јавното обвинителство – Членот 105 – по што се отвори плодна дискусија за тоа како да се надминат отворените прашања во преговорите.

Според министерката Дескоска, скриената амнестија, односно запирањето на судските постапки, истрагите и предистрагите е непрафатливо од аспект на градење на систем на правда во нашата земја, и истото лошо ќе се одрази врз оценувањето на напредокот на земјата во поглед на владеењето на правото.

На состанокот, претставниците на граѓанските организации и министерката Дескоска се договорија со здружени напори да продолжат да ја остваруваат заедничката определба за владеење на правото и постигнување на правда во нашата држава.

Министерката Дескоска ги информираше претставниците на граѓанските организации за останатите закони кои се наоѓаат на реформската листа на Министерството за правда, потенцираше дека нивниот придонес е добредојден и ги покани на активно учество во работните групи.