Дескоска: Предлог-законот ја гарантира независноста на Обвинителството

161
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлог-законот за Јавното обвинителство подразбира градење силно Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој, покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите што ги водеше СЈО, изјави министерката за правда, Рената Дескоска.

– Ова Обвинителство, во согласност со предложениот текст, има одредени финансиски и статусни гаранции, кои треба да му овозможат и да му гарантираат независност од извршната и законодавната власт, со цел да не може да биде уценувано ниту од финансиски аспект ниту да се врши какво било влијание – потенцира Дескоска.

Министерката истакна дека во текот на вчерашната расправа биле изнесени неколку, како што рече, естрадни тврдења дека има неуставност во овој концепт, што, според министерката, е апсолутно неточно бидејќи концептот со зајакнати надлежности на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постои и во други земји.

За прашањето за предлагање јавен обвинител од страна на опозицијата, Дескоска истакна дека во текот на јавната расправа никој не ја поддржал оваа идеја како добра процедура кој било обвинител да биде предлог на опозицијата.

– Слушнавме предлог кој е вреден за размислување за зголемување на транспарентноста на постапката за избор на обвинител за организиран криминал и корупција и тој предлог ќе биде земен предвид – потенцира Дескоска.

Во однос на членовите 108 и 109, кои важат за најтешките прашања во законот за Јавното обвинителство и каде што се лоцирани клучните барања на опозицијата, министерката истакна дека ја охрабрува ставот истакнат од повеќе експерти, дека дури и да не биде изречно наведено дека постапките продолжуваат – тие ќе продолжат во согласност со Законот за кривичната постапка.

– Тоа значи дека во согласност со она што беше истакнато вчера во текот на јавната дебата, дава простор за градење консензус бидејќи една од забелешките што ја истакнува опозицијата е дека не сакаат да се дозволи постапките да продолжат. Ако нема изрична одредба дека продолжуваат, тогаш тие ќе продолжат во согласност со Законот за кривичната постапка. Но, нема простор за ставање одредба дека одредени постапки ќе запрат – потенцира Дескоска.

Во однос на делот што се однесува на бројот и систематизацијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Дескоска смета дека треба да се размисли оти ако се има вистинска желба за градење капацитетно обвинителство, треба да му се дадат обвинители за да ја вршат таа работа. Исто така, министерката истакна дека не е пречка и прашањето што може да доведе до тоа законот да не влезе во Собранието.

Дескоска потенцира дека е добро што и пратениците биле дел од јавната расправа и можеле да направат процена кои ставови се аргументирани.

Во однос на предлогот во законскиот текст, наместо уставното име на државата, да се користи терминот Република, Дескоска вели дека така всушност се брише зборот Македонија.

– Вчера слушнавме и предлог во законскиот текст, наместо уставното име на државата, да се користи терминот Република. Размислував за тој предлог, но не мислам дека е добар бидејќи со таков предлог и концепт во законот всушност го бришете зборот Македонија од целиот текст и тој ќе биде спомнат само еднаш. Вие знаете дека првичната и најтврда позиција на која Грција долго време инсистира, тоа беше зборот Македонија да не биде дел од нашето уставно име. Со ваков концепт, каде што ќе го избришете во сите закони зборот Македонија, мислам дека доаѓате, всушност, до градење на она што беше суштински интерес на Грција во тоа време. Се надевам дека тоа не е соломонскиот концепт на ВМРО-ДПМНЕ за избегнување на уставното име преку избегнување на зборот Македонија – потенцира Дескоска.