Дескоска: Наместо само за плати, судството да реагира и за застарените предмети

123

Министерката за правда, Рената Дескоска, ги повика судиите и вработените во судството наместо само за плати, да реагираат и за случаите во кои има застарување на одредени судски постапки или криминал во редовите на судството.

-За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само тогаш кога станува збор за распределба на плати. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема имајќи предвид што сѐ се направи со алоцирање на средства во рамки на судството и имајќи ги предвид и резултатите од нивното работење – нагласи Дескоска.

Таа посочи дека се очекува реакција од судиите, претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради тоа што криминалот останува неказнет.

-Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејствија во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видео клипот кој го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кој се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација – рече Дескоска.

Министеркара ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да почне сериозна постапка за проверка на анкетните листови на судиите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за ветинг во судството.

На прашањето зошто се предвидени 3,7 милиони евра за СЈО во Буџетот за 2020 година, иако институцијата повеќе не постои, Дескоска рече дека Катица Јанева пред да биде разрешена испратила барање за буџет за Специјалното јавно обвнителство.

-Имаме ситуација во која Катица Јанева пред да биде разрешена испратила буџетски циркулар и барање за буџет за Специјалното јавно обвнителство. Согласно законот, Министерството за финансии е должно да го почитува барањето. Ќе видиме како ќе помине тоа во Собранието – рече таа.

Министерката додаде дека во секој случај, се работи за средства што потоа генерално ќе бидат распределени во Јавното обвинителство.