Денот на независноста и државноста на Република Македонија одбележан и во Атина

94

Во организација на Канцеларијата за врски на Република Македонија, во Атина се одржа прием по повод 27 – годишнината од независноста и 74 – годишнината од државноста на Република Македонија, а на кој присуствуваа претставници од грчкото МНР, советници на грчки политичари, дипломати и голем број новинари.

Приемот воедно беше и проштален за македонскиот амбасадор Дарко Ангелов, кој го завршува четиригодишниот мандат во грчката престолнина.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на приемот одржан во хотел во центарот на Атина, присуствуваа генералниот секретар од грчкото МНР, како и неколку директори од Министерството, советникот на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис и еден од советниците за надворешна политика на лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

На овогодишниот прием организиран од канцеларијата за врски на Република Македонија во Грција имаше и голем број претставници на медиумите, како грчки новинари, така и странски дописници.

Во поздравното обраќање до присутните, Ангелов говореше за неговото лично искуство во Атина, рече дека двете земји имаат заеднички стратешки цели, кои не се однесуваат само на НАТО и ЕУ, туку и на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот каде што треба да преовладува соработката, а не конфронтацијата.

– Наздравувам во чест на соработката меѓу нашите земји и пријателството меѓу нашите народи – рече Ангелов на крајот од неговото кусо обраќање.

Додава дека процесот на градење доверба доби политичка димензија „видена во тоа дека требаше да се гради и политичка доверба на највисоко ниво“.

Македонскиот амбасадор во Атина вели дека неговиот впечаток е дека се работи за две општества кои во суштина минимално се познаваат, особено во случајот на Грција во однос на Македонија.

– Во овие четири години во кои навистина многу работи се подобрија од практична гледна точка, се разбира и на политички план, останува многу простор да се работи со јавноста и едноставно таа јавност да се ослободи од тој ментален склоп дека не треба да чека на одобрение од политичарите да соработуваат со другата страна што е особено поизразено тука, поради тоа поголемо непознавање за тоа кои сме и што сме. Тоа е некоја инерција, особено останата од времето кога односите беа покомплицирани и понегативни за разлика од последните неколку години кога имаме тренд на подобрување – коментира Ангелов.

Сепак, тој додава дека во последниот период забележува послободна и непосредна комуникација меѓу министерствата од двете земји, меѓу градови, меѓу државни компании, а како пример ја споменува изградбата на гасоводната врска, тема за која постои редовна комуникација.