Денеска се одбележуваат 16 години од смртта на Борис Трајковски

97

Денеска се одбележуваат 16 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.

По тој повод, министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, ќе ја предводи делегацијата на Владата на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски кај Ротимље. Во делегацијата се и министерот задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан и заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски.

Цвеќе на гробот на Трајковски на Градските гробишта Бутел ќе положи делегација на Владата што ќе ја предводи министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, заедно со министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

На споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски во Струмица цвеќе ќе положи владина делегација во состав министер за транспорт и врски Горан Сугарески, заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска и Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Владиниот „кингер” со којшто патуваше претседателот Трајковски, кој требаше да стигне на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26 февруари 2004 година се урна во близина на Мостар. Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Борис Трајковски беше инаугуриран на 15 декември 1999-та година, наследувајќи го Киро Глигоров.