Делегација на ПССЕ ќе го набљудува спроведувањето на претседателските избори

65

Делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа заедно со набљудувачите од Парламентарното собрание на ОБСЕ и Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе ги набљудува претседателските избори во Македонија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Делегацијата ќе се состане со претседателот на Собранието, кандидатите за избори и претставници на Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, со претставници на граѓанското општество и медиумите, пред да ги набљудуваат изборите на 21-ви април.

Француската пратеничка Мари Кристин Дало од партијата на Републиканците ќе ја предводи делегацијата на ПССЕ, тоа според неа ќе биде прилика да ја открие и земјата.

-Најпрво ќе ја откријам земјата, бидејќи не ја познавам. Сметам дека тоа е исто така е од интерес. Но да се открие една земја значи да се открие и нејзиното функционирање, навиките и особеностите. Од призмата на ПССЕ ќе гледаме како помина предизборната фаза, додека на денот на изборите како се одвива гласањето за избор на претседател на Република Северна Македонија – изјави Кристин Дало.

Мари Кристин Дало, притоа нагласува дека делегацијата посебно ќе внимава на повеќе елементи не само на набљудувањето на изборниот процес.

-Но, исто така на медиумите, како тие се изразуваат, дали се слободни. Потоа како се изразува опозицијата, кое е реалното место на политичарите во институциите на Македонија, потоа ние ќе изработиме извештај чии први заклучоци ќе бидат претставени на прес конференцијата во понеделник за се она што забележавме. Делегацијата пристига во Македонија утре и заминува во вторник, тоа е краток период, но ние имаме таква навика, што со точност знаеме што да се гледа и како се одвиваат работите, Исто така имавме повеќе подготвителни состаноци пред нашата набљудувачка мисија, кои ќе ни дозволат да видиме како се одвиваше предизборната кампања – вели француската пратеничка Мари Кристин Дало.

Заедничка прес-конференција е закажана за понеделник, 22 април, во Скопје, додека извештајот за следењето на претседателските избори во нашата земја ќе бидат претставени на јунската сесија на ПССЕ во Стразбур.