Деведесет Грци сѐ уште почиваат во тајната гробница во Катланово!

1240

Седумдесет години по завршувањето на Граѓанската војна во Грција

Пишува: Блаже Миневски

Поминаа седумдесет години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција а околу деведесет Грци сѐ уште почиваат во тајната гробница во Катланово! Во август 1949 година, по тешки битки на Грамос и на Вичо, Демократската армија на Грција била поразена и на 15 октомври Привремената демократска влада објавила запирање на воените дејства. Во периодот од 1946 до 1949 година, во време на најжестоките борби во Егејска Македонија, повеќе од 6.500 ранети борци на ДАГ, Македонци и Грци, преку илегални премини, ноќе и тајно, биле транспортирани во Катлановска Бања, односно во илегалната воена болница формирана со договорот меѓу Тито и Никос Захаријадис за помош на грчката Комунистичка партија во борбата со монархофашистите.

Многумина од ранетите биле спасени благодарение на огромните напори што ги вложувал тимот на д-р Вељко Мајсторовиќ, воен хирург од Белград, кој, во тоа време, и во такви услови, успеал да оперира и да спаси од сигурна смрт околу 2.500 борци. Поголемиот број биле Грци што заедно со Македонците се бореле за демократизација на Грција. Сепак, за жал, 256 војници починале во текот на лекувањето и засекогаш останале во заедничката гробница во кругот на тогашната бања во Катланово. Меѓу нив една третина биле Грци!

Хируршки операции без анестезија

Во сведоштвото на еден од организаторите на изградбата на партизанската болница во Катлановска Бања, првоборецот Раде Гогов, стои дека многу тешки и сложени операции секојдневно морале да се извршуваат во лоши болнички услови, без хируршки инструменти, лекови, анестезија, завои и друго, па затоа често ваквите зафати имале трагичен крај, иако лекарите вложувале натчовечки напори за спас на борците што пристигнувале со тајните конвои на воени камиони, кои границата ја поминувале со исклучени светла. Војниците што биле спасени од лекарскиот персонал во оваа болница до крајот на животот им биле благодарни на хирургот д-р Вељко Мајсторовиќ и неговите соработници, кои чесно без прекин со часови не излегувале од импровизираната сала за операции. Затоа сите што поминале низ оваа болница во своите изјави со голема почит го споменуваат неговото име, но и имињата на луѓето што му помагале во спасувањето на што поголем број ранети. А ранетите, во најголем дел младинци меѓу 18 и 20 години, веднаш по закрепнувањето, повторно се враќале на фронтот во Егејска Македонија, за да се борат за нова, демократска Грција.

Според пишаните спомени на д-р Мајсторовиќ, голем број од починатите борци не само што тајно биле лекувани, туку починатите скришно биле погребувани ноќе до реката или на околните ридови, без никаков белег на гробовите, за да не се открие болницата од разузнавачите и кодошите присутни на теренот. Во такви околности, за жал, многу често се случувало, особено таму каде што телата не можеле да се погребаат во подлабок гроб, дождовите да ги откопаат телата и мртвите борци да се појават на површината на земјата или покрај брегот на реката. По ваквите дождови, јата мршојадци го покривале небото над Катланово, па било потребно брзо да се дејствува за да се спасат труповите од птиците, кои можеле да ги разнесат за кратко време, да исчезнат како да не биле. За да бидат повторно погребани, а дождовите обично оставале само каменливи стрништа зад себе, војската ноќе со воени камиони носела земја од околината за да се покријат мртовците одново. Во спомените на д-р Вељко Мајсторовиќ, раководител на оваа тајна воена болница во Катлановска Бања, пишува дека најголем број од ранетите биле буквално разнесени од мините што насекаде ги поставувала монархофашистичката грчка војска. Меѓу најтешко ранетите борци биле и оние што настрадале од артилериски гранати, но и од налетите на британските авиони што сееле бомби по планините во Егејска Македонија. Во болницата се слушале ужасни крици од болка, но, како што пишува д-р Мајсторовиќ во своите спомени за тоа време, никогаш ниту тој, ниту кој било друг од болничкиот персонал не разликувал дали ранетиот е Македонец или Грк, бидејќи болката, солзата и тагата, како што пишува тој, секогаш се доживуваат на ист начин од сите човечки суштества. Болката што ја донела Граѓанската војна во Грција не биле поделена по национална припадност, а младите борци, Грци и Македонци, заедно се бореле и заедно умирале на фронтот, но и во болницата во Катланово.

Меѓу оние 256 лица што не успеале да ги победат раните во болницата, оние што се погребани на неколку локации околу објектите на Катлановска Бања, една третина, или околу 90 војници, се Грци, за кои грчката влада никогаш не покажала интерес барем да ги забележи нивните имиња. Според д-р Мајсторовиќ, кој бил сведок на егејската трагедија преку ранетите борци, во тајната партизанска болница дневно умирале по десетина борци, а импровизираните гробници се копале таму каде што можело да се ископаат, најчесто покрај реката, каде што дополнително морало да се носи земја од друго место за да се покријат плитките јами ископани во камењарот. И тој сведочи дека неколкупати надошла реката и однела еден дел од погребаните борци, водата ги мешала коските, а потоа тие што биле извлечени од реката, спасени од поплавата, оние што биле пронајдени крај брегот, повторно биле закопани во заедничка гробница.

Заборавени од Грција, но и од Македонија?!

Потресно сведоштво за оваа тајна болница, за заборавените ранети момчиња што починале во неа, за македонските и грчките борци од граѓанската војна во Грција, има забележано и македонскиот сликар Коле Манев. Во таа насока тој меѓу другото констатира дека на Балканот и во Европа, па и во светот, се случиле многу воени настани и судири во кои имало многу повеќе жртви и страдалници од оние што ги однела Граѓанската војна во Грција, но по завршувањето на сите тие лудила, секоја страна на гробовите на загинатите полагала цвеќе и им оддавала помен и почит. За жал, според него, во случајот со Граѓанската војна во Грција од пред седумдесет години, со гробниците во Катлановска Бања се случува нешто што е надвор од сите норми на човечко, хумано однесување. Имено, тие што умреле во оваа болница одамна се веќе заборавени и никој не помислува ниту да ги спомне, како воопшто да не постоеле. А тоа биле момчиња што одвај станале полнолетни, кои оставиле зад себе родители и роднини, спомени што никогаш не можат да се избришат. За нив нема споменик, нема сеќавање, нема државни почести, не можат да се вратат во историјата на татковината за која се бореле, исто како што оние што преживеале го изгубија правото да се заминат во своите родни места во Егејска Македонија.

Благодарност за доктор Мајсторовиќ

Трагајќи по преживеан борец, кој се лекувал во Катланово, пред неколку години успеавме да поразговараме со Стојан Трпчевски од селото Сетина, Егејска Македонија, еден од оние 6.500 борци на Демократската армија на Грција, кој за време на најжестоките борби бил ранет и со таен конвој ранети борци бил префрлен на лекувањето во тајната болница во Катлановска Бања. И тоа не само еднаш туку трипати! При едно од трите ранувања го изгубил и видот на едното око, но и со едно око повторно се вратил на фронтот за да се бори за ослободување на македонскиот и грчкиот народ, како што рече, од монархофашистичкиот режим.

– Имав само 17 години кога се приклучив на единиците на ДАГ. Настрадав при една заседа во селото Четирог. Таму загинаа четворица наши борци. Помнам дека одеднаш ми се стемни, не гледав ништо, слушав само лелеци и експлозии. Знаев само дека сум во некаков поток, но кога ме извлекоа немав претстава каде сум, не гледав никаква светлинка. Бидејќи во тоа време ДАГ имаше некаква тајна болница во Корча, Албанија, колку што можеа побрзо ме пренесоа таму, но во таа болница веднаш рекоа дека немаат никакви можности да ми помогнат, да ми ги спасат очите. Затоа по неколку дена ме префрлија во тајната болница во Катлановска Бања. Во истата таа болница подоцна како ранет доаѓав уште двапати – се сеќаваше тогаш старецот.

Според сведоштвото на Трпчевски, за транспорт на ранетите од Леринско до Катлановска Бања се користеле четири стари германски камиони, три „татри“ и уште два-три други камиони. Како армија, ДАГ имала своја автоединица во Преспа, а транспортот секогаш се одвивал ноќе и без светла: „Кога стигнавме, зборувам за првиот пат, ме примија и, по прегледот што го направи еден од помладите доктори, ми кажаа дека немаат стручњаци што можат да направат нешто за да ми ги спасат очите, па затоа ме испратија во Нови Сад. Лекарите во болницата во Нови Сад по неколку дена успеаја да ми го отворат левото око, да го спасат, па благодарение на нив гледам со тоа око, другото го изгубив. По лекувањето, откако во собирниот центар во Буркес се собравме околу 180 колку-толку залечени борци, одново бевме вратени во нашите единици на ДАГ. Тоа беше летото 1948 година, и веднаш имавме жестоки борби на Грамос, и повторно, за жал, немав среќа, ме ранија во Бела Вода, кај Бигла, над Лерин. И пак ме донесоа во Катланово. Откако бев залечен пак се вратив долу, кај другарите, во четата. До февруари 1949 година водевме многу битки во тој дел на Македонија, а на 12 февруари го нападнавме Лерин, мислејќи дека веќе можеме да преземаме поголеми акции за ослободување на градовите. За жал, во таа недоволно подготвена акција, во таа битка за Лерин изгубивме 1.200 борци, кои сега се погребани во една заедничка гробница во близината на градот. Грција со години не сакаше ниту да се спомне дека постои таква гробница. Притоа најголемите штети ги претрпевме од Англичаните, кои, за разлика од она што го правеа во Југославија, каде што беа на страна на партизаните, во Егејска Македонија ги поддржуваа фашистите, поточно монархофашистите, па излегува дека истовремено биле и фашисти и антифашисти. Во секој случај, се сеќавам дека брегот на Преспанско Езеро беше црвен од крв. И водата беше црвена од крвта на Македонците што загинаа за да ги ослободат Преспа и Лерин од монархофашистите. Во овие акции повторно бев ранет и повторно ноќе бев префрлен преку Ресен во Катлановска Бања, а по санирањето на повредите бевме префрлени во Бугарија и оттаму во Романија. Таму бев две-три години, а потоа бевме однесени во Унгарија, каде што останав до јануари 1955 година, кога дојдов и останав во Скопје.“

Каде ги погребувале починатите во Катлановска Бања?

Погребите на оние што умирале во болницата се вршеле на три локации. Еден таков гроб бил на малото ритче над главната болничка зграда, објектот што сега е запуштен, не е во функција. Овој објект е наспроти големиот објект на сегашната главна зграда на Катлановска Бања. Гробницата во која биле погребани 13 починати борци е токму на местото каде што денес има некаква штала, лево од мостот што минува над реката за да се стигне во црквата спроти бањата. Таа црква тогаш не постоела, а немало ниту мост преку реката. Втората гробница била преку реката, под големата карпа што се гледа отаде реката, десно од влезната порта на Катлановска Бања. Токму под таа карпа биле погребани поголем број луѓе, затоа што таму имало поголем простор и затоа што можело полесно да се ископа гробницата. Сепак, најголемата заедничка гробница била од оваа страна на реката, педесетина метри подалеку од тогашното приемно одделение на болницата, сегашната прва мала зградичка на влезот, десно од портата низ која се влегува во кругот на Катлановска Бања. Долу, до реката, во појасот што сега е крај заштитниот ѕид, направен подоцна за да се спречи поплава на бањата, имало неколку јами во кои се погребувале починатите. Според она што јас го знам, се сеќаваше Трпчевски, во трите гробници во Катлановска Бања беа погребани 256 борци, Македонци и Грци, но сепак точната бројка веројатно е зачувана во архивата што се водеше во болницата. Можеби списокот на починатите во својот бележник го има зачувано доктор Вељко Мајсторовиќ, кој водеше евиденција за секој што се лекуваше во болницата. Инаку, грчките монархофашисти беа главно платена војска, најчесто беа пијани, па не можеа да се борат како војници туку само како кукавици, со мини. Да не застанеа Англичаните на нивна страна, нашата армија лесно ќе се справеше со нив.

Пред дваесет и пет години, за да се зачува споменот за оние што поминале низ тајната воена болница во Катлановска Бања, а особено за оние што засекогаш останеле во трите заеднички гробници, била поставена една плоча, но набргу плочата била скршена и уништена. Како миротворци и кандидати за Нобелова награда, Ципрас и Заев можеа за почеток да ја обноват барем плочата како почит кон 256 војници, од кои барем 90 Грци, засекогаш останаа во прегратките на штотуку прекрстената „северна“ македонска земја.