Фото: Игор Бансколиев

Откако многу училишта и улици беа преименувани на албански јазик и откако беа испишани информативни табли и на албански јазик во јавното сообраќајно претпријатие, во болници и во други јавни институции, во јавноста неодамна имаше реакции зошто бил запоставен албанскиот јазик и во скопската зоолошка градина. Се реагира зошто на таблите во делот за описот на животните имало текст само на македонски, а не и на албански јазик.

– Запоставувањето на албанскиот јазик ги иритира посетителите Албанци, кои ја посетуваат зоолошката градина во Скопје, вклучувајќи ги и оние од Косово и од Албанија. За посетителите не е доволно што го пишува само името на животното на албански јазик – објавија некои од медиумите на албански јазик.
Директорот на зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, вели дека имињата на животните веќе се напишани на албански јазик.

– На постојните табли имињата на животните се напишани на македонски, на англиски и на албански јазик. На нив нема место за дополнителен текст. Инаку, нарачавме нови информативни табли, кои се однесуваат на заштитата на животните, а треба да стигнат следниот период. Текстот на нив ќе биде испишан на македонски и на албански јазик – вели Галетановски.

Информативни табли на албански јазик има во многу државни институции. Пред неколку години советот на градот Скопје одлучи таблите на станиците и електронските екрани во автобусите да бидат со написи и на албански јазик. Информативните табли и патокази на клиниките се исто така напишани и на албански јазик. Годинава во март, името на скопскиот аеродром, освен на македонски, беше испишано и на албански јазик. Освен тоа, со политички одлуки во минатото беа преименувани неколку училишта, како и улици. А.П.