Двоумењето за вакцините е враќање кон минатото

113

Најголемата глобална студија поврзана со ставовите за имунизација укажува на ниската доверба во некои региони, вклучувајќи ја и нашата земја. Добротворната организација за биомедицински истражувања „Велкам траст“ анализирала мислења на повеќе од 14 илјади испитаници во над 140 земји. Според анализата на „Велкам траст“, во нашата држава 54 отсто од испитаниците мислат дека вакцините се безбедни, 14 отсто не се согласуваат со тоа, 26 отсто ниту се согласуваат ниту не, додека седум отсто немаат мислење

Анализата, која говори и за нашата земја, вели дека 61 отсто се согласуваат дека вакцините се ефективни, 9 отсто не се согласуваат со тоа, 23 отсто ниту се согласуваат ниту не, а осум отсто немаат мислење.
На прашањето што се однесува на родителите од Македонија дали децата се вакцинирани, 96 отсто од испитаниците одговориле дека нивните деца се вакцинирани превентивно од една или повеќе болести.

На прашањето наменето за нашата држава дали имунизацијата е важна за децата, 81 отсто од испитаниците се согласиле, шест отсто не се согласиле, додека 12 отсто ниту се согласиле ниту не се согласиле, а еден отсто не дале свое мислење.
„Велкам траст“ ги анализирала одговорите на петте клучни анкетни прашања и го пресметала индексот на доверба во научниците со висока, средна или ниска доверба.

Во Македонија пет отсто имаат висока доверба во научниците, 43 отсто имаат средна доверба, 36 отсто не веруваат во нив, додека 15 отсто немаат став за работата на научниците. Според анализата, Јужна Европа има 18 отсто повеќе доверба за разлика од нашата држава, односно 23 отсто веруваат.

– Од почетокот на епидемијата, во Скопје се вакцинирани 15.749 деца, додека во преостанатиот дел од државата се вакцинирани 15.642 деца на возраст до 14 години, кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во целата држава изнесува 31.391- информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од Министерството за здравство, пак, појаснуваат дека само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението ќе се обезбеди колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата. Оттаму апелираат сите деца што не се вакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, веднаш да се вакцинираат.

Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека неодлучноста за имунизација е една од првите десет закани за глобалното здравје. Глобалното истражување на „Велкам траст“ го открива бројот на испитани луѓе што велат дека имаат ниска доверба во имунизацијата. На прашањето дали вакцините се безбедни, 79 отсто одговориле „многу“ или „сосема“. Седум отсто одговориле дека не се согласуваат, додека 14 отсто од испитаниците не дале одговор на ова прашање. На прашањето дали веруваат во фактот дека вакцините дејствуваат, 84 отсто се согласиле, пет отсто не мислеле така, додека 12 отсто не дале одговор на ова прашање.

Зошто е важно сето ова? Постојат огромен број научни докази што велат дека имунизацијата е најдобра одбрана од смртоносни и заразни инфекции, како што се малите сипаници. Вакцините заштитуваат милијарди луѓе во светот, тие целосно елиминирале една болест, а тоа се големите сипаници и го доведуваат светот блиску до исчезнување на другите болести, како што е детската парализа. Но некои други болести, како што се малите сипаници, повторно се појавија, а експертите велат дека луѓето ги избегнуваат вакцините поради стравот и дезинформациите.

Д-р Ен Линдстранд, експертка за имунизација од Светската здравствена организација (СЗО), вели дека сегашната ситуација е крајно сериозна.

– Двоумењето за вакцинирањето има потенцијал, барем на некои места, може навистина да го попречи вистинскиот напредок што светот го направил во контролирањето на болестите што можат да се спречат со вакцинирањето – вели експертката за имунизација, д-р Ен Линдстранд од СЗО.

Според неа, какво било повторување на овие болести би било катастрофално или, во најмала рака, враќање во минатото.


Каде е довербата во вакцините на најниско ниво?

Луѓето што живеат во региони каде што населението има високи приходи се едни од оние што имаат најниска доверба во безбедноста на вакцините општо земено.
Франција е една од европските земјите што во моментов се соочуваат со појава на малите сипаници. Според глобалната анализа, еден од тројца испитаници во Франција не се согласува со фактот дека вакцините се безбедни. Тоа е највисок процент во која било земја во светот. Деветнаесет отсто од испитаниците во Франција не се согласувале со тоа дека вакцините се ефикасни, додека 10 отсто сметале дека вакцините не се важни за децата.
Во Северна Америка, Јужна и Северна Европа, повеќе од 70 проценти се согласиле дека вакцините се безбедни, додека во Западна Европа таа бројка изнесувала 59 отсто, а во Источна Европа 50 проценти.
Во Украина, која минатата година пријави најголем број заболени од мали сипаници во Европа, вкупно 53.218 лица, само 50 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека вакцините се ефикасни. Оваа бројка во Белорусија изнесува 46 отсто, во Молдавија 49 отсто, додека во Русија 62 проценти од испитаниците мислат дека вакцините се ефикасни.
Каде е довербата на највисоко ниво? Во подрачјата каде што населението има ниски примања, постои мислење дека вакцините се сигурни. Највисока е бројката во Јужна Азија, каде што 95 отсто од анкетираните сметаат дека вакцините се безбедни, потоа Источна Африка, каде што таа бројка изнесува 92 отсто. Бангладеш и Руанда имале речиси универзален став за безбедноста и ефикасноста на вакцините и постигнале исклучително висок степен на имунизација и покрај многуте предизвици за транспорт и достапност на вакцините до населението, за истите тие да бидат вакцинирани.
Руанда стана првата земја што има ниски приходи а им обезбеди универзален пристап на младите жени до вакцините против ХПВ, кои штитат од рак на грлото на матката.


Што ги прави луѓето скептични во врска со вакцинирањето?

Според истражувањето, луѓето што имаат доверба во научниците, докторите и медицинските сестри, се согласни дека вакцините се безбедни. Наспроти тоа, оние што на интернет барале информации за наука, медицина или здравство се помалку согласни за безбедноста на вакцините. Оваа анализата не ги истражува сите причини за малата доверба, но истражувањето вели дека се вклучени многу фактори. Сите лекарства, вклучувајќи ги и вакцините, може да имаат несакани ефекти, но вакцините се темелно тестирани за да се проверат нивната ефикасност и безбедност. Интернетот значи дека верувањата и загриженоста поврзани со вакцините може да прострујат за миг, но тоа се само информации што не се засновани на факти. Во Велика Британија и во нашата држава кружеа информации дека вакцината ММП предизвикува аутизам. Според експертката од СЗО, д-р Ен Линдстранд, една од најважните интервенции во борбата против сомнежите и загриженоста за вакцините е да се има добро обучени, способни и подготвени здравствени работници што ќе го препорачаат вакцинирањето базирано врз научни трудови, кои ќе можат да одговорат правилно на прашањата и грижите што ги имаат одредени заедници.

[email protected]