Две години од поплавите во Скопско

59
Фото: Дарко Андоновски

Скопје денеска ќе одбележи две години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.

Загинатите во невремето беа во реоните на Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Во текот на 24 часа, на 6 август 2016, во Скопје наврнале 92,9 литри на квадратен метар, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 грома. Невремето и поројот од вода предизвикаа пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава, координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и од надлежните институции, во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите, а 8 август 2016 беше прогласен за ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев Рид, главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

– Своевиден метеоролошки феномен што опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање жаришта на бура, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години – беше објаснувањето на УХМР тогаш за невремето што ја погоди скопската котлина.