Двете истовремени македонски владетелства

979
Проф. д-р Илија Велев

ЗОШТО САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО БИЛО СЛОВЕНСКО И МАКЕДОНСКО? (4)

По повод 1.000 години од падот на Самуиловото македонско царство (1018 -2018), доктор Илија Велев, како редовен професор по предметите Византиска култура и Кирилометодиевистика и културно наследство во Институтот за македонска литература и научен советник во Одделението за средновековна македонска книжевност, во неколку продолженија ќе ги образложи историографските елементи од овој мошне значаен период. Насловите се редакциски

Сметаме дека истражувањата во насока на потврдувањето на македонскиот историски субјективитет на Самуиловото владетелство треба да се задржуваат и на проблемот со крунисувањето за цар на овој средновековен владетел. Веќе во историографијата лесно може да се потврди фактот дека царот Самуил не се крунисал со наследената круна од владетелите на Првото бугарско царство. Едноставно тој не можел да ја преземе бугарската царска круна, зашто византискиот освојувач Јоан I Цимискиј веќе ја имал вратено во Константинопол (Цариград). Зарем било можно подоцна византискиот император Василиј II да му ја отстапи (односно „врати“) бугарската круна на Самуил, особено ако се има предвид фактот дека двајцата владетели биле во постојано воено и политичко непријателство, а и ваквата постапка не би била во согласност со византиските интереси? Ние немаме дилема во однос на ставот дека при чинот на самокрунисување со благослов на охридскиот патријарх Филип, царот Самуил покажал вешта политичка стратегија, примајќи ја круната од папата во Рим. Приближувањето на царот Самуил кон Рим било заеднички интерес да се ослабне и просторно да се стеснува влијанието на Византиската Империја – политички и духовно. Проблемот со прогласувањето на Самуиловото македонско словенско царство станал уште поголем за Византија, зашто оваа територија на некогашните македонски склавинии тие ја сметале за своја.

За потврдување на овие наши тези дополнително го истакнуваме и феноменот на словенскиот карактер на Самуиловото македонско царство. Ова владетелство на просторот на Македонија било словенско, зашто во тој период словенскиот фактор дефинитивно станал основен духовен и цивилизациски супстрат за македонското себеидентификување и себепотврдување. Таму богослужбите биле изведувани на старословенски јазик, словенската писменост продолжила да ја одразува Светиклиментовата традиција од Охридската духовна и книжевна школа, а не треба да има дилеми дека и самата државна администрација се водела на тогашен словеномакедонски јазик (т.е. на старословенски јазик со македонска јазична редакција). Едноставно, ако во кирилометодиевскиот период афирмацијата на словенската цивилизациска свест почнала да се анимира како политички и црковен инструмент во функција на реализација на византиските стратегиски интереси, веќе од Светиклиментовиот период натаму постапното навестување за антивизантиска конотација на словенството станало целосно актуелно во периодот на Самуиловото македонско владетелство.

Појавата на воените и на владетелските активности на комитопулите, а особено формирањето на Самуиловото владетелство на македонскиот простор, заедно станале една од причините за да дојде и до посилно влијание на веќе заживеаното богомилско движење и учење. За официјалната догматско-богословска идеологија профилирана од христијанскиот духовен центар на Византија богомилството се сметало како еретичко – кривоверно, неофицијално и антиканонско учење, кое требало да се забранува и искоренува. Но токму во времето од владеењето на Самуил, а пред сè и на територијата на неговото владетелство, богомилството го доживеало и најсилното актуализирање. Овој македонски владетел го користел богомилството за да го неутрализира византиското влијание во духовниот и во културниот живот. Дури се смета дека и самите богомили војувале во составот на Самуиловата војска. При сето она што погоре го истакнавме останува да се проследи уште еден клучен историски феномен, што поради неговата досегашна недоволна истраженост продолжува да е мошне комплексен и предизвикува активни дилеми за разјаснувања. Имено, феноменолошката суштина се однесува на согледувањето дека на историската сцена истовремено постоеле условно предодредени две македонски владетелства. Така, на чело на Византија владеела Втората (Василиева) македонска династија, а паралелно опстојувало и Македонското словенско владетелство на царот Самуил.

Ваквите карактеризации на двете владетелства им се приопштуваат зашто нивните владетели потекнуваат од просторот на Македонија. Следствено, овие извонредно сложени услови историски го жигосале македонскиот феномен на самооттуѓувањето: челник на македонската династија што владеел со Византија како конгломерат од народи и култури на три континенти да јуриша со бајракот на македонизмот против условно наречената Македонска словенска држава, притоа дури македонските војници и да си ги вадат очите едни на други. Токму ваквиот недоволно разјаснет македонски самоотуѓувачки феномен во историскиот контекст на глобализацијата во Југоисточна Европа и денес се користи политички за да се притемнува македонскиот културноисториски идентитет, а со тоа и сè уште да се прават обиди за асимилација на македонската духовна и културна традиција.

По пропаста на Самуиловото македонско словенско владетелство во 1018 година веќе изградената и стекната словенска цивилизација, како доминантна меѓу населението во Македонија, станала сериозна пречка за спокојното повратно владеење на Византија. Почнало масовно наметнување на антисловенско влијание преку воведувањето богослужење на византискогрчки јазик, се правеле обиди да се потиснува словенската писменост, масовно се уништувале старите словенски ракописни книги, се презела контролата врз раководењето со Охридската архиепископија, а уште во 1019 година со посебна повелба императорот Василиј II извршил извесна реорганизација на нејзината диецеза. Во тој контекст напоменуваме дека тогаш се укинало постоењето на Брегалничката словенска епископија од диецезата на Охридската архиепископија, која била обновена од страна на св. Климент Охридски и првовремено била предводена од Кирилометодиевиот ученик Константин Презвитер. Антисловенскиот однос на новиот воен, политички и духовен византиски протекторат предизвикал силен револт и различни видови отпор кај македонското население, поради веќе цврстата воспоставена кирилометодиевска и светиклиментовска традиција.

Сепак, по првичните агресивни методи за враќање на претходно изгубениот политички и духовен протекторат, Византија била принудена да наоѓа и да применува поблаги форми за наметнување на сопствената доминација на просторот на Македонија. Тоа било потребно за да се стекне лојалноста на политичката волја кај населението полесно да се интегрира во византиското општество, но и да се привлече христијанската паства кон источноправославниот централизам подреден на Вселенската патријаршија во Константинопол. Затоа се пристапило кон примена на компромисни решенија, при што не се променил автокефалниот независен статус на Самуиловата помесна Охридска патријаршија, туку само се симнало нивото на нејзиниот третман од патријаршија во архиепископија. Следствено со Охридската архиепископија продолжил да управува последниот словенски патријарх Јоан Дебарски, поставен уште од периодот на Самуиловото владетелство, при што тој бил назначен и за прв византиски архиепископ – кој веројатно веќе изразил согласност да ги застапува црковнополитичките интереси на Византија. Натаму сè до средината на XIII век духовната политичка агенда наложила да се составуваат хагиографски или химнографски култно-легендарни состави за локалните словенски светители на византискогрчки јазик, чии содржини биле приспособувани на византиските црковнополитички интереси. На тој начин се спроведувал системот за мобилизација на македонската христијанска паства за да се придобие нивната духовна лојалност. Нашите истражувања покажаа дека во периодот меѓу втората половина на XI и средината на XIII век со ваквата мотивација биле приспособувани содржините на хагиографските состави посветени на светите Константин-Кирил и Методиј (познати во науката под заедничкиот назив „Панонски легенди“), на св. Климент Охридски и на св. Наум Охридски.

(продолжува…)