Дали смртоносниот „Син кит“ впловил во Македонија

3219

По необјаснивиот смртен случај на 13-годишно девојче во Гостивар, обвинителството издаде наредба за вештачење на нејзиниот телефон и комуникацијата преку социјалните мрежи, а МВР прави проверки и споредби со евентуално слични смртни случаи во државата и во странство

Последниот случај со смртта на 13-годишното девојче во Гостивар и првичните сомнежи на истражителите дека можеби детето учествувало во играта на интернет позната како „Син кит“, повторно ја вознемири јавноста, која сè повеќе е загрижена за содржините со кои се среќаваат децата на глобалната мрежа. Обвинителството во Гостивар веќе издаде наредба за вештачење на телефонот и на комуникацијата преку социјални мрежи на починатото девојче, а МВР, иако во Македонија досега не е потврден случај на смрт предизвикана од опасната игра „Син кит“, прави проверки и споредби со евентуално слични случаи во државата и во странство. Во соседната Србија, на пример, медиумите веќе неколку години известуваат за присуството на играта „Син кит“, чија крајна цел е играчот да изврши самоубиство, за што постоел и еден потврден случај во земјата. Во Русија на пример имало повеќе смртни случаи, а сите истражувања покажале дека децата, впуштајќи се во оваа онлајн-самоубиствена игра, воопшто не се свесни за опасноста на која се изложуваат.

Иако родителите сметаат дека минуваат доволно време со своите деца, не негираат дека има периоди кога тие се препуштени сами на себе во виртуелниот свет.
– Разговарам кога имам време со своето дете за работи на кои може да налета на интернет, а кои може да бидат опасни. Главно и компјутерот му е наместен на ограничен пристап до страници со несоодветни содржини, но секогаш нешто се провлекува и знам дека нема гаранции. Поради тие причини и му нагласувам на детето дека сè што гледа на интернет треба да прима со резерва, а доколку забележи нешто да се бара од него да направи некаква невообичаена работа, веднаш да ми се јави – вели еден родител на десетгодишно дете.

Психолозите инсистираат родителите повеќе да разговараат со своите деца, без оглед на напорното темпо на работа.

– Колку и да им е тешко на родителите со темпото на денешното живеење и трката за обезбедување средства, тие мора да најдат време за своите деца. Детето не се раѓа со желба да седи на интернет, туку тоа го прави затоа што е во својот дом и се чувствува удобно покрај компјутерот, бидејќи нема ништо друго поинтересно. Тука се родителите да му понудат дружба, да разговараат со него, да го гушнат, да си поиграат, едноставно да му стане интересно. Секое дете ќе одбере да се дружи со својот татко или мајка ако тие му понудат да прави некои интересни работи – вели Мирјана Стојановска-Јовановски, психолог.
Познавачите на состојбите со ИТ-технологијата велат дека постојат апликации што може да го ограничат пристапот до сомнителни содржини на интернет, но дека и тука родителите би требало постојано да ги ажурираат апликациите за да бидат ефикасни.

– Постојат повеќе бесплатни апликации за спречување несоодветни содржини за децата, но проблемот е што овие апликации треба постојано да се приспособуваат од родителите. Тоа оди тешко, па затоа се случува децата и да дојдат до содржини што не се за нив. Секако, има и лиценцирани, кои се плаќаат, и тие нудат многу поголема сигурност на интернет – вели познавач на состојбите во ИТ-секторот.
Телеком-операторите сметаат дека е потребна континуирана дигитална едукација на децата, но и на родителите и наставниците.

– Телеком-операторите не ја контролираат содржините на интернет, но во согласност со законската регулатива дејствуваат во отстранување на содржините што се пријавени како злонамерни. Во однос на заштитата на децата од штетните содржини на интернет, освен софистицираните продукти специјализирани за следење на сообраќајот, за ефикасна заштита на најмладите е неопходна континуирана дигитална едукација на децата, на родителите и на образовниот кадар – велат од „Македонски телеком“.

Несомнено, комуникацијата на родителите со децата и воспитниот елемент во училиштата се најважните работи што треба да формираат здрави генерации, чија главна задача ќе биде да го подигнат квалитетот на животот во реалниот свет, виртуелниот треба да остане само за она за што е наменет, за забава.