Дали Вселенската патријаршија ќе го омекне ставот на СПЦ во врска со МПЦ?

419
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според пишувањата на српските медиуми, прашањето за МПЦ не било отворено на првата средба на делегациите меѓу Вселенската патријаршија и СПЦ што се одржа минатата недела во Белград. Наводно, според Српската црква, тоа не се случило затоа што тоа било „внатрешно прашање на СПЦ“ и сѐ уште „за Вселенската патријаршија Македонија е дел од јурисдикцијата на СПЦ и не се планирало менување на јурисдикциските граници“. Но тоа се само толкувањата и неофицијалните брифинзи на СПЦ. Нашите извори, вклучувајќи ги и македонските верски аналитичари, пак, немаат дилеми дека главна тема на посетата на делегацијата на Вселенската патријаршија на СПЦ било прашањето на МПЦ

Недостигот од официјални информации од Вселенската патријаршија за разговорите меѓу двете делегации во Белград одржани минатата недела и неофицијалните информации лиферувани во српските медиуми, уште повеќе ги подгреваат шпекулациите за тоа кои биле темите на разговор на владиците од Српската црква и од Вселенската патријаршија, како и тоа кои се резултатите од овие разговори.
Според неофицијалните информации на кои се повикуваат некои од српските медиуми, прашањето за автокефалноста на МПЦ воопшто не било тема на разговор меѓу двете црковни делегации, туку главниот фокус било прашањето за автокефалноста на Православната црква во Украина, за која Вселенската патријаршија издаде томос за автокефалност, а Руската православна црква се противи на тоа.

Според истите извори, ниту од СПЦ ниту од Вселенската патријаршија прашањето за МПЦ не било отворено, затоа што наводно „за Вселенската патријаршија Македонија е дел од јурисдикцијата на СПЦ и не се планирало менување на јурисдикциските граници, односно тоа прашање било внатрешно прашање на СПЦ“ (?!).

– Во врвот на СПЦ неофицијално се тврди дека претставниците на двете сестрински цркви, минатиот петок, во патријаршиската вила на Дедиње се согласиле дека прашањето за црквата во Македонија е под надлежност на СПЦ, бидејќи тоа наводно е и став на Цариград. Минатата недела одделни македонски медиуми шпекулираа дека Цариградската патријаршија почнала постапка за преиспитување на томосот од 1922 година, со кој ја признала на степен патријаршија обединетата СПЦ во Кралството СХС – пишува во анализата дневниот весник „Данас“.

Единствен од српските владици што јавно ја коментираа средбата меѓу делегациите на Вселенската патријаршија и на СПЦ беше црногорско-приморскиот митрополит на СПЦ, Амфилохие, кој и учествувал на таа средба.

Но во неговиот текст објавен на интернет-страницата на неговата епархија, тој воопшто не го споменува црковното прашање во Македонија, ниту, пак, потврдува дали Вселенската патријаршија се согласила на пишувањата на српските медиуми дека „Македонија е црковна јурисдикција на СПЦ“. Единствено за што зборува Амфилохие е украинското црковно прашање, спорејќи го правото на вселенскиот патријарх да носи одлуки за признавање автокефалност. Амфилохие се залага за сеправославен собор на кој треба да се реши ова прашање.

Од друга страна, македонските верски аналитичари, пак, немаат дилеми дека главната тема на посетата на делегацијата на Вселенската патријаршија на СПЦ било прашањето на МПЦ.

– Вселенската патријаршија очигледно е охрабрена од придружувањето на Грчката православна црква (ГПЦ) во однос на признавањето на Украинската православна црква (УПЦ) и сега како да има ветар во едра и за други проблеми во православието. Сето тоа е во контекст на нивната желба за поголемо влијание и позиција во православието и во тој бран ние би можеле да дочекаме некоја позитивна одлука – објаснуваат аналитичарите.

Историчарите, пак, велат дека СПЦ својата јурисдикција врз епархиите во Македонија ја добива во 1922 година, кога Вселенската патријаршија со томос ѝ ги отстапува. Претходно овие епархии биле јурисдикциско подрачје на Вселенската патријаршија. Формално, СПЦ црковната власт во Македонија ја има до 1941 година, а од 1941 до 1945 тука црковната власт ја држи Бугарската црква. По Втората светска војна, СПЦ формално не ја вратила црковната власт, иако јурисдикциски ги имала овие епархии. Во 1958 година СПЦ ја признала автономноста на МПЦ, а од 1967 година трае црковниот спор за автокефалноста на МПЦ.

Инаку, минатата недела во Белград се одржа првата средба на делегациите меѓу Вселенската патријаршија и СПЦ, за која уште кога беше најавена, пред неколку месеци, се зборуваше дека ќе биде појдовна точка за понатамошните чекори на Вселенската патријаршија за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Минатата година вселенскиот патријарх Вартоломеј официјално го постави ова прашање на дневен ред, откако тоа од него го побара МПЦ-ОА, преку писмото испратено од премиерот Зоран Заев.

[email protected]