Дали високите патарини ќе значат квалитетни коловози?

174
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека Македонија стравува дека ќе остане единствена земја во регионот во која сѐ уште не е воведена месечна или годишна карта за плаќање патарина, или електронска наплата, сѐ повеќе граѓани поединечно и организирано реагираат на новите цени што се планира да се воведат на некои делници низ земјава. Реакциите се во насока дека станува збор за преголем трошок, особено за оние што имаат понизок животен стандард. Јавувањата и реакциите се засилија по најавата дека за брзо време, по пуштањето во употреба на првата од двете планирани патарини на автопатот Демир Капија – Смоквица, кај Гевгелија, таа патарина ќе биде и најскапа од сите други во земјава, односно за оние што управуваат автомобили ќе изнесува 100 денари

Во образложенијата и реакциите во анкетата со повеќе граѓани во врска со најавените цени за патарините, тие како аргумент ги наведуваат и високите цени на горивата, кои периодов се во пораст. Нивната пресметка е дека, доколку со свој автомобил треба секој работен ден да патуваат кон Скопје и обратно, за еден месец трошоците би изнесувале и над десетина илјади денари. Исто така, граѓаните прават калкулации и по добиената информација дека од следната година ќе биде пуштена уште една патарина од Коридорот 10 на патот кон Грција, за која ќе се плаќа 80 денари, а и плус другите веќе постојни давачки за патарините, трошокот за патарини (за патнички моторни возила) ќе изнесува 360 денари во еден правец. Тоа значи дека само за патарина во два правци доколку патуваме кон јужниот сосед ќе треба да издвоиме колку што изнесува всушност повратен автобуски билет до Гевгелија (700 ден.). Анкетираните граѓани коментираат дека би било поевтино да се купи авионски билет од Скопје до Будимпешта отколку да се појде со автомобил до Грција.

Јавното претпријатие за државни патишта ја смирува тензијата

Сепак, како одговор на незадоволството во јавноста од најавите за поскапување на дел од друмарините излегоа со појаснување и од јавното претпријатие за државни патишта. Оттаму најавуваат дека за десетина дена ќе биде активиран и системот за електронска наплата на патарините со безготовински паметни картички и уреди за електронска наплата на патарина (таг), за кои веќе се предвидени и попусти, кои се движат од 2 до 7 отсто од дополнетата сума.

Со тоа, според нив, ќе има намалување на висината на патарините за граѓаните, а не зголемување, како што се претставува во јавноста, доколку сепак граѓаните ги набават овие електронски картички за наплата. За да бидат работите појасни, „Нова Македонија“ се обиде да ги анализира давачките во регионот во однос на начинот на плаќање за минат километар и дополнително да објасни за каков систем на наплата станува збор во земјите од соседството. Во исто време, со оглед на фактот дека состојбата на магистралните патишта во Македонија и не е во толку добра состојба, се наметнува логичниот заклучок дека надлежните, зголемениот обем на средства од патарините ќе го трошат строго наменски, а имено за подобрување на состојбите на коловозите.

Каква е состојбата во соседството?

Според информациите до кои можевме да дојдеме, на пример кај источниот сосед Бугарија функционира системот на електронска вињетка за наплата, и таа за еден месец за автомобил изнесува 15 евра, односно околу 950 денари. Со добропознатата вињетка може да се патува со патничко возило секаде низ земјата неограничен број пати во текот на еден месец. Споредбено со Бугарија, еден македонски граѓанин од внатрешноста на земјава треба да потроши многу повеќе пари во текот на месецот за патарини доколку патува константно низ земјава. Од друга страна, цената за надоместок на друмарина во соседа Србија, според некои претпоставки, е пониска од нашата земја. Различно од Македонија, во Србија услугата за користење на автопатот се наплаќа по километар. Кај северниот сосед постои опција да се купи и месечен електронски билет за патарина. Износот на сумата за еден месец се добива откако ќе се помножи цената на патарината за одредена релација со 40, додека за годишен билет се множи цената на патарината меѓу двата града со 400. На тој начин, локалното население добива можност да патува по уште пониски цени. Од друга страна, Албанија и Косово во моментов немаат воведено патарини, иако има два автопатишта, Ибрахим Ругова кон Албанија и Арбен Џафери кон Македонија. Според информациите во косовските медиуми, граѓаните на Косово плаќаат патна такса во износ од 40 евра, или околу 2.500 денари годишно при регистрација на возилата. Во меѓувреме, во Албанија, и покрај протестите и нередите што минатите години ги приредија граѓаните откако државата сакаше да воведе патарини на патните правци таму, патарина се плаќа засега на 110 километри долгиот автопат кон Косово. Нејзиниот износ е 5 евра, но, како и во другите земји од опкружувањето, има опција за попусти за потребите на локалното население и професионалните возачи што редовно ја користат оваа делница. И сосема на крајот, патарините во Грција, според информациите, се најскапи во регионот за возачите што ги користат тамошните патишта. На патарината Евзони, која го носи името на граничниот премин кон Македонија, се предвидени цени од 1,30 до 6,30 евра во зависност од категоријата на возилото. На пример, доколку се земе растојанието меѓу Солун и Лариса, кое изнесува околу 150 километри, за користење на истиот автопат се плаќа патарина од 8 евра по автомобил во еден правец, односно за два и пол пати повеќе во споредба со овдешниот автопат меѓу Скопје и Гевгелија. Но, и покрај тоа, за тамошното население што секојдневно ги користи патиштата има големи попусти, што не е случај кај нас.

Колку се инкасирало во државната каса?

Инаку, минатата година во државната каса од наплата на патарините се инкасирани 40,5 милиони евра, што е за 5 проценти повеќе од претходната година. А во првиот квартал од годинава се наплатени 7,7 милиони евра. Во моментов низ државава има девет патарини. Цените за патнички возила се: на делницата Куманово – Миладиновци е 60 денари, Скопје – Петровец е 40 денари, Петровец – Велес е 80 денари, Велес – Градско 60 денари, Скопје – Миладиновци 40 денари, Тетово – Гостивар 30 денари, Гостивар – Тетово 30 денари, Скопје – Тетово 40 денари, Тетово – Скопје 40 денари. Вкупната автопатска мрежа во Македонија е долга 270 километри. Со тоа, земјава има приближно 11 метри автопат на илјада квадратни километри, или околу 130 метри на илјада жители.


На патарините низ Европа

Денес во Европа има неколку различни начини на плаќање на патарините на автопатиштата. Важно е да се знае дека, повеќе или помалку, никаде не може гратис да се помине по европските фантастични автопатишта, кои имаат повеќе од 50.000 километри во главните европски земји – Германија, Франција, Италија, Шпанија, Бенелукс, скандинавските земји. Патарини формално не се плаќаат во Германија, во земјите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург), како и во Обединетото Кралство и во скандинавските земји, што е многу пријатно кога таму патувате со автомобил. Но, сепак, таму нема да поминете сосема гратис. Имено, доколку полните гориво на автопатиштата во некоја од овие земји (освен во Луксембург!) или доколку купите нешто во прекрасните маркети на бензинските станици или решите да пиете кафе или нешто посериозно изедете или испиете во некој од рестораните, кои ги има речиси покрај секоја пумпа за гориво, треба да знаете дека сето тоа ќе го платите сериозно поскапо одошто ако тоа го направите во некој град или надвор од автопатиштата. Тоа лесно се објаснува – сите оние фирми што имаат објекти покрај овие прекрасни автопатишта ѝ плаќаат посебни концесии на државата и мораат тие пари некако да ги заработат. Вториот систем на наплата на патарините, вообичаен во Франција, Италија и во Шпанија (а и во Србија и Хрватска поблиску овде до нас), е т.н. интегрален систем за наплата каде плаќате според изминатите километри и обично земате картичка на влез на некој автопат и возите без застанување се до неговото завршување, каде што плаќате патарина на огромни градби, каде што има и по 20-30 наплатни места. Обично, автопатиштата во овие земји имаат делници од околу 200 до околу 500 километри, каде што патарината се плаќа со едно застанување. Истовремено, на секој страничен излез од автопатот има помали објекти за наплата на патарината, според бројот на изминати километри. Третиот систем за наплата на патарините е плаќањето со т.н. вињета, односно еднократен паушален надомест за користење на автопатиштата без ограничување, кој овозможува тоа да го правите за време од 7 или 10 дена, еден месец или цела година, како што е во Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка, Бугарија. Останува и четвртиот и најнеефикасен систем за наплата на патарините. Него го има во соседна Грција и во Македонија. Според овој систем, на секои 20-30 километри се инсталирани наплатни рампи, а тоа значи дека за да поминете стотина километри автопат, ќе мора барем трипати да застанувате и да плаќате надомест за негово користење.

[email protected]