Грчко-македонскиот пример ми изгледаше многу полесен од француско-германскиот

275
Фото: Васка Младеновска

Франсоа Лафон, советник за евроинтеграции на министерот Бујар Османи

Господине Лафон, која функција ја вршите во Македонија?
Јас во Република Северна Македонија сум испратен од страна на француската влада пред една година, од Министерството за надворешни работи на Франција за да работам како експерт и советник на вицепремиерот за евроинтеграции, господин Бујар Османи. Ангажиран сум во Секретаријатот за европски прашања и член сум на кабинетот на министерот. Мојот ангажман во вашата држава е во рамките на договорот меѓу двете влади, на Франција и на Македонија.

Сега, откако веќе една година престојувате и работите во Македонија, кажете ни како ја гледате нашата држава и колку е таа подготвена за отворање на поглавјата од преговорите за влез во ЕУ?
Да бидам искрен, пред да дојдам и сега по една година Македонија не е иста. Денеска ситуацијата е многу подобра, отколку таа што ја затекнав кога дојдов пред една година. Сега го имаме Преспанскиот договор. Во изминатиот период речиси една цела година имавме една т.н. педагошка меѓународна работа, за тоа како можат Македонија и Грција да се усогласат во функција на една европска перспектива. Тоа е едно нешто. Второто нешто е што во моментот имаме едно продемократско функционирање на земјата, кое е многу позрело отколку она што беше пред една година. Да речеме дека сега сликата што ја дава Македонија за својата политичка стабилност изгледа многу поубедувачка и ги смирува европските партнери.
Кога сум тука морам да нагласам дека има уште нешто што треба да се направи. Тоа се реформите. Земјата се стабилизира, се смирува и тоа во еден момент кога во регионот има повторно некоја неизвесност. Тука мислам на состојбите во Србија, Косово, Албанија. Денес, според мене, а и според другите европски земји, Република Северна Македонија е стожер на стабилизација на регионот.

Мислите дека Преспанскиот договор е добар?
Меѓународната заедница е крајно задоволна од овој договор, а задоволни се и сите други држави: САД, ЕУ, земјите-членки на ЕУ, Германија, кои им честитаа на лидерите, Заев и Ципрас, кои имаа храброст да го постигнат овој договор. Кога треба да се прави еден договор секоја земја треба да направи чекор кон другата. Ако беше лесно да се реши тој спор немаше да чекаме цели 27 години. Од двете страни има интелигентни и паметни луѓе. Меѓутоа имаше позиции што можеби беа поригидни и не постоеше волја да се има договор. Кога дискутирав јас со Македонци или со Грци, за тоа поради што треба да одиме кон договор, јас секогаш им го посочував француско-германскиот пример по Втората светска војна. Иако на двете страни имаше милиони мртви, двете земји рекоа доста е, да се обидеме да најдеме некој договор за да не почнуваме повторно. Французите им попуштија на Германците и Германците исто така направија многу концесии поради Французите и ја создадовме Европската Унија, која останува како модел за мирољубива коегзистенција на националните интереси.
Примерот помеѓу Грција и Македонија, без да имам такво локално искуство, ми изгледаше дури и полесен отколку француско- германскиот.

Дали вие верувате во европската перспектива на Македонија?
Да. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, го кажа тоа на самитот во Софија во месец мај, дека перспективата на Република Северна Македонија е европска. Секако дека тука има подготвителна работа, која треба да биде поддржувана, затоа што на патот до ЕУ ќе има две етапи. Првата етапа е отворање на преговорите, а потоа следува пристапувањето. Меѓутоа пристапувањето многу ќе зависи од сето тоа што ќе се сработи тука во Македонија.

Министерот Османи е оптимист и вели дека Македонија е подготвена за отворање на поглавјата. Дали според вас има стручни кадри во кабинетот на Османи за водење на преговорите?
Да. Администрацијата што е таму се подготвува. Организацијата веќе се оформува за да може да ги преземе сите тие работи за европскиот пат. По Европскиот совет од јуни 2018 година, земјите-членки на ЕУ побараа од Европската комисија да се отворат подготвителните работи. Од јуни 2018 година еднаш до двапати месечно има постојано скрининг на работата на македонските функционери, кои одат во Брисел на средби со Европската комисија за да дискутираат поглавје по поглавје што треба да се направи.
Кога официјално ќе се отворат преговорите многу полесно ќе се започне со работата. Има една работа за европеизацијата на Македонија, која веќе се одвива. Не се прават нештата прекуноќ. Ќе ви кажам два примера.
Македонија е веќе партнер во програмата „Еразмус плус“. Стотици студенти можат да одат да студираат како француските и италијанските студенти во Европа. Со Фронтекс се потпиша договор за контрола на границите. Нема потреба да ги отвораме преговорите кога го имаме тоа. Земјата ќе учествува во контрола на границите, контрола на емигрантите. Тоа се многу значајни работи за Германците, Французите и за другите земји-членки на ЕУ. Патот е тука. Потоа етапа по етапа ќе се додаваат елементи, за да може Македонија да стане полноправна членка.

Дали мислите дека на патот кон ЕУ ќе има нови блокади за Македонија, по изборите за пратеници во Европскиот парламент кога се очекува прегрупирање на силите?
Можеби ќе има, но нема да ги закочат преговорите. Но ќе го закочат начинот на размислување на членовите на Европскиот парламент, најпрво за нивната сопствена иднина.
Ситуацијата во ЕУ е мошне комплексна. Тука е брегзит. Имаме една италијанска влада, која станува сѐ повеќе евроскептична. Има земји што влегоа во ЕУ пред десетина години и кои не ги почитуваат повеќе правилата, и кои на некој начин сега ги деформираат европските вредности. Тука мислам на правната држава во Полска, или почитувањето на некои права во Унгарија. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, е многу критичен за ситуацијата во Романија, функционирањето на правдата итн. Европските избори ќе им овозможат на европските граѓани да размислуваат како функционира Европската Унија.
Во некои земји, како и во Франција, има политички партии што се спротивставуваат на проширувањето на Унијата. За жал, тие ќе бидат мнозинство. Тука мислам на партијата на Националниот фронт, крајната левица, десниот републикански центар, кои се против проширувањето. Единствено претседателот Макрон останува на политиката за проширување, со тоа што тој инсистира на зајакнување на Унијата.

Господине Лафон, на крајот, кажете ни по колку години ја гледате Македонија како членка на ЕУ?
Како полноправна членка, за десетина години.