Груби: Јавните функционери да подлежат на нарко-тестови

69

Пратеникот на ДУИ Артан Груби најави дека ќе поднесат иницијатива за таканаречен „ветинг“, односно контрола за секој пратеник или функционер којшто врши јавна дејност, како што се судии и обвинители, за контрола во врска со користење наркотици, но и учество во криминал и корупција.

-Ние оваа иницијатива ја почнуваме од нашите редови во ДУИ и сакаме да ја предложиме на Собранието, а очекуваме и поддршка од граѓанскиот сектор и медиумите. Секој кој врши јавна функцикја треба да подлежи на овој тест и ние очекуваме поддршка од сите кои се искрени- рече Груби.

Тој не сакаше да одговори дали Павле Богоевски треба да ја напушти функцијата пратеник, но повтори дека за ДУИ е неприфатлива терминологијата „метла“ затоа што не била достоинствена за луѓе.

Во однос на преговорите за промена на функционери од редовите на ДУИ и СДСМ, Груби рече дека доколку има нешто на оваа тема, медиумите ќе бидат навреме известени.

ВМРО-ДПМНЕ се согласува со ДУИ дека носителите на јавни функции треба да подлежат на тест за наркотици. Ова го изјави портпаролот на најголемата опозициска партија, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање.

-Апсолутно дека се согласуваме. Практично ние тоа и го побаравме вчера. Се согласуваме, мора да се расчистат сите дилеми околу конзумирањето на такви наркотични средства, како што тоа во јавноста излезе случај со пратеникот Пaвле Богоевски, којшто е носител на јавна функција, и е гласан од граѓаните, односно поддржувачите на СДСМ на тие избори- изјави Арсовски.