Груби нема да учествува во Комисијата за избор на работници од УБК

205

Само неколку часа откако беше избран, пратеникот од ДУИ, Артан Груби, се повлече од Комисијата која треба да ги селектира кадрите од УБК.

Груби преку соопштение најави дека поради преголеми обврски не може да учествува во работата на оваа комисија.

– Во врска со Заклучокот на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, донесен на Шестата седница на Комисијата, оддржана на 25 јуни 2019 година, во кој сум предложен да учествувам во работата на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање, поради преголеми други обврски ве известувам дека не сум во миожност да учествувам во работата на оваа Комисија – напиша пратеникот на ДУИ.

Новата Агенција за национална безбедност која ќе ја замени досегашната Управа за безбедност и контраразузнавање треба да профункционира од септември.