ГРЕКО цени дека Македонија напредува во борбата со корупцијата

155

Новиот извештај на ГРЕКО нотира напредок во борбата со корупцијата во Македонија.

– Ја напуштивме групата на глобално незадоволителни држави. Ова е голем упех за нас како држава и Влада – рече вицепремиерот Љупчо Николовски.

Тој заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ на заедничка прес-конференција објаснија што значи новата оценка на ГРЕКО.

– Телото на Советот за Европа, ГРЕКО, на вчерашната пленарна седница нотираше значаен и суштински напредок во делот на исполнување на препораките во четвртиот круг на евалуација. Станува збор за 19 препораки кои беа објавени во 2014 година и се однесуваат на спречување корупција во Парламентот, судството и обвинителството – рече Николовски.

Според Маричиќ, сега Македонија е чекор поблиску до ЕУ, но сепак работата не завршува тука.

– ГРЕКО го констатира фактот дека во последните два мандати, министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и со новиот Закон за Судски совет, правото на глас на министерот за правда во ова тело е одземено. Сепак ГРЕКО остана на ставот дека оваа препорака ќе се смета за исполнета кога ќе се измени Уставот, каде е утврдено дека министерот за правда учествува во работата на Судскиот совет – рече Маричиќ.


Николовски ќе бара мотивациско писмо од директорите за да спречи корупција

Вицепремиерот Љупчо Николовски бара од граѓаните да не очекуваат чудо за брзо време бидејќи проблемот со корупцијата во Македонија постои со децении во минатото, но сепак од некаде мора да се почне.

– Ќе се почне од некаде. За првите директори, за сите ќе има огласи, конкурси, ќе имаме јавни повици за различни типови на функционери, за членувања во надзорни и управни одбори – рече Николовски.

Тој вели дека сите ќе мора да се научат да поднесуваат мотивациско писмо.

– Ќе треба првенствено да поднесат Си-Ви, мотивациско писмо и план за работа и тоа е огромна промена, која што досега, можеби и за најголем дел од нив не е ни законска обврска. Зборам за вредности и нови стандарди кои имаме волја да ги воспоставиме – рече Николовски.

Според Николовски, тоа е можност за луѓе со капацитет да се вградат во институциите, во овие четири години, кој тој ги нарече неповторливи, во кои општеството треба да се трансформира.