Граѓаните што се сомневаат во распределбата на предмети да се обратат до судот

87

Граѓаните што се сомневаат дека нивните предмети во судовите не се распределени електронски, преку АКМИС-системот, туку на рака, за тоа може да се обратат до судовите каде што се водат предметите, рече министерката за правда, Рената Дескоска, на денешниот настан за состојбите со АКМИС-системот во судовите.

– Има граѓани што се обратиле до Министерството за правда. Со оглед на тоа што комисијата кога врши увид, не врши увид на конкретни предмети, туку генерално на функционирањето на системот, ние како Министерство не располагаме со податоци кои предмети биле распределени рачно поименично – рече Дескоска.

На новинарско прашање за истрагата за злоупотребите со АКМИС-системот во судовите, министерката рече дека побарале извештај од Обвинителството за да биде внесен во извештајот за напредокот во реформите пред Европската комисија.

– Испративме барање до Обвинителството. Дадоа листа на чекори. Не очекувајте чуда преку ноќ. Ниедна истражна и судска постапка не завршува бргу – рече министерката.