Граѓаните се вртат кон понови возила

293
Фото: Дарко Андоновски

Во земјава, во моментот, во сила е увозот на половни автомобили што ги исполнуваат стандардите еуро 4, какви што наскоро би требало да бидат забранети во Бугарија, но упатените смируваат дека овдешниот пазар веќе е доволно заситен со такви возила

Увозот на половни возила, според податоците на Царинската управа, од година на година се намалува, а намерата на бугарската влада од 2021 година да го ограничи увозот на половни автомобили со еколошки стандард еуро 4, со намера да влијае врз намалувањето на загадувањето на воздухот, кај дел од јавноста предизвика стравувања дека овој тренд би можел да се смени и повторно да почне да расте увозот, поради што земјава би можела да стане огромен магацин за стари возила, кои го загадуваат воздухот. Познавачите на состојбите смируваат и велат дека не очекуваат таков развој на настаните, бидејќи пазарот е заситен, а граѓаните сѐ повеќе бараат понови возила, кои веќе се со стандардот еуро 5.

Поранешната македонска влада во 2010 година донесе одлука со која се дозволи повластен увоз на половни автомобили од Европа, заради, како што тогаш беше наведено во владиното образложение, обнова на застарениот возен парк.
И покрај предупредувањата на еколозите дека старите возила ќе го загадуваат воздухот, Владата не отстапи од намерата, а многу од возилата што беа увезени беа токму со дизел-мотор, кој се смета за еден од поголемите загадувачи на воздухот.
– Продажбата на половни возила е драстично падната. Кога беше донесена мерката пред десетина години сите купуваа автомобили, но од година на година како да се засити пазарот. Сега плацовите со половни автомобили се полни, но слабо се продава. Не знам дали е до слабата куповна моќ или, пак, до нешто друго – вели трговец со половни автомобили од Скопје.

Тој додава дека порано се купувале возила и постари од 10 години, а сега купувачите обично бараат возилото да не е постаро од пет години.
– Колку што е постаро возилото, толку е поскапо одржувањето. Покрај тоа, за постарите возила и потешко се наоѓаат резервни делови. Затоа се бараат понови возила и со повисок еуро стандард. Возилата со стандардот еуро 4 засега се продаваат, но не станува збор за некоја голема бројка за да има потреба Бугарите сега тука да го селат бизнисот, или да се носат возила од Германија, Италија или од Швајцарија – нагласува соговорникот.

Како што информираат од Министерството за економија, во Македонија, во моментот, во сила е увозот на половни автомобили што ги исполнуваат стандардите еуро 4. Оттаму не очекуваат поголемо слевање на половните возила од бугарскиот на македонскиот пазар.

– Не очекуваме некакво нарушување на пазарот. Не мислам дека Бугарија ќе го забрани увозот на автомобили со еуро 4, туку најверојатно ќе стане збор за ограничување на движењето на возилата што загадуваат во центрите на градовите. Дизел-возилата и натаму ќе се возат низ земјата. Истото тоа го направи и Германија, ограничувајќи го движењето на возилата низ центрите на поголемите градови – вели Нериман Џеладини од Секторот за внатрешен пазар при Министерството за економија.
Таа додава дека повеќе никој не сака да купи постаро возило од 10 години и дека возила со стандард еуро 2 или еуро 3 не се ни продаваат.

– На Запад државата ги субвенционира автопроизводителите, така што тие можат да им понудат прифатливи цени на граѓаните за новите возила, па затоа цените на тие автомобили таму се слични со нашите цени, иако стандардот ни е различен – нагласува Џеладини.

Од 1 јули 2016 година во земјава можат да се увезуваат половни автомобили што го исполнуваат стандардот еуро 4. Засега нема најави за воведување на повисок еколошки стандард.