Граѓаните разочарани, ЕУ некредибилна

706
Фото: Игор Бансколиев

Мини-анкета на „Нова Македонија“

Анкетата со граѓаните низ државата, но и со експертите и со граѓанските НВО-здруженија, покажува дека целата енергија што населението изминатите години ја потроши на оваа тема, минувајќи низ силни премрежиња, за нив значеше излез од стагнацијата на економско-социјален план, со која граѓаните живееја со децении. Според нив, сите длабоки отстапки што земјава и граѓаните ги направија во минатото ќе бидат залудни, бидејќи неразумно сме ги прифаќале уверувањата на политичарите од ЕУ за Македонија

Одложувањето на датумот за преговори со ЕУ може да предизвика граѓанско разочарување, но и негативни последици во општеството. Истото тоа ќе резултира и со опаѓање на надежите кај граѓаните за остварување прогрес и напредок на целата држава. Тоа се заклучоците извлечени од мини-анкетата со стотина граѓани од Скопје и државата, која „Нова Македонија“ ја спроведе изминативе денови. Со ваква генерална оцена се и дел од домашните експерти, но и граѓански и невладини здруженија и организации, откако деновиве повторно почна да се проблематизира започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ.

Сепак, познавачите на состојбите ја издвојуваат и другата страна на медалот, а тоа е дека датумот за преговори со ЕУ и членство тесно се поврзува и со капацитетот на државата и општеството да постигне некаков напредок во целост. Системските реформи што оваа влада ги започна, во пакет со кадровските реформи, аналитичарите ги толкуваат како метод за зголемување на функционалноста на институциите, кои, пак, се суштински фактор за забрзување на процесот за економски раст, односно за стопански развој.

Тие предупредуваат дека државата и институциите треба навремено да бидат подготвени кадровски, реформски, односно системски, заради поголема ефикасност. Но од друга страна, треба ги подготвуваат и граѓаните доколку, сепак, датумот за преговори не ни биде доделен, односно повторно биде одложен во јуни.

Поаѓајќи од тој став, професорката по комуникологија и социологија од Меѓународниот балкански универзитет, Викторија Кафеџиска, вели дека евентуално незапочнување на преговорите и ригидната и трома реакција на ЕУ, кај луѓето во земјава ќе предизвикаат гнев и незадоволство, а младите и понатаму ќе продолжат да заминуваат од земјава.
– Ако по сѐ што е сторено повторно ни кажат не бидува, разочарувањето ќе биде огромно. Поголем неуспех кај секој човек во земјава, особено во македонскиот кампус, но и без исклучок во целото општество ќе нема. Прагот на очекувањето беше многу воздигнат на високо ниво и сѐ што се направи сиве овие години во насока на отстапките што ги сторивме, сега ќе нѐ удри ниско на земја доколку не добиеме датум. Овој заклучок се темели на моите перцепции и последните чекори, кои ги направи власта додека зборуваше дека сево ова што се прави на „политичката маса“ е во интерес на нашите евроатлантски интеграции. Сега, кога повторно е под прашалник датумот за преговори, новото одложување општеството многу тешко ќе може да го преживее и да ги надмине последиците – оценува Кафеџиска.
Како што дообјаснува професорката некои од луѓето се свесни дека на домашен план сѐ уште имаме слабости во многу области, меѓутоа, според нив, отворањето на преговорите би ја придвижило земјата напред.

– Не само бизнис-заедницата и сите други граѓански и општествени заедници што многу години живееја надвор од ЕУ, знаат дека кога ќе влеземе во Унијата нештата ќе се подобрат. Сега кога земјава е на нова нишалка дали ќе ја биде или не директно ќе има влијание во животот на народот. Сепак и да не го добиеме тој долго очекуван датум со ЕУ, ние мораме да продолжиме да живееме и да се приспособуваме на новонастаната ситуација и упорно и ефикасно да работиме. Но неможноста да се напредува и просперира во полето во кое си вложил многу во знаење, како природните науки или слично, ќе се одрази во голема мера врз одлуката на младите да си заминат од просториве односно земјава – заклучува Кафеџиска.

Во меѓувреме, граѓаните со голема заинтересираност следат што се случува во Брисел, откако минатата недела Европската комисија даде повторена препорака, но без датум за почнување преговори со нашата земја. Пред јунскиот Совет на министри на ЕУ, кој треба да одлучи кога земјава ќе добие датум за преговори, граѓаните во повеќе анкети се скептични дали тоа ќе се случи ова лето или повторно ќе бидеме одбиени.
Од Институтот за европска политика на оваа тема во изјава за домашните медиуми коментираат дека евентуалното извисувањето на Македонија од страна на ЕУ би било нефер.

– Но апсолутно би било нефер ако Македонија извиси. ЕУ ќе биде некредибилна доколку не опстои на сопствените ветувања. Последиците од ваквиот однос ќе бидат повеќекратни, со регионален и поширок ефект. Во овој случај, Македонија се однесува многу поевропски од Европската Унија. Дури и да се работи за „мало“ одложување, тоа има своја политичка цена и секако ќе се одрази во внатрешната политичка состојба, ако не во сериозна политичка криза, тогаш секако како намален капацитет на Владата за реформи – велат во изјава за домашните медиуми од Институтот за европска политика.

Сублимирано и експертите и граѓанските и НВО-здруженија велат дека целата енергија што граѓаните изминатите години ја потрошија на оваа тема за нив значеше излез од стагнацијата на економско-социјален план, во која живеат со децении. Според нив, сите длабоки отстапки што земјава и граѓаните ги направија во минатото ќе бидат залудни, бидејќи неразумно сме ги прифаќале уверувањата на политичарите од ЕУ за Македонија. Ваквата конотација на состојбите, како што заклучуваат експертите, е можно и да придонесе некои сили во земјава да ги подгреат повторно антиевропските размислувања. Можното повторно одложување на членството во Унијата ќе придонесе за паѓање на рејтингот на Брисел во земјава што, пак, може да предизвика и пораст на евроскептичните движења во земјава и сериозен удар на стратегиските национални цели, па и на сите досегашни влади и политички партии во нашата држава.

За крај, за издвојување е заедничкиот именител на безмалку сите изјави и разговори со граѓаните, а тоа е дека „проблемот лежи во нашиот двор, во самите нас“. Имено, доколку ние, (почнувајќи од нашите индивидуални деловни и професионални ангажмани, па потоа и како колективитети) го дадеме својот максимум, нема дилема дека ќе придонесеме за подигнување на економско-социјалната состојба. Токму со нашето одговорно работење да му дадеме импулс на економскиот раст со ефективен работен ангажман, а потоа тоа дефинитивно ќе се одрази и на поширок домашен план.

[email protected]