Горивата еколошки, загадувањата несогледливи

145

Откога пратеникот Павле Трајанов, повикувајќи се на сопствени извори, рече дека и нафтата и мазутот што се користат во земјава не се според пропишаните стандарди и дека деновиве во Македонија и во Косово се увезуваат илјадници тони екстра лесно масло, за кое анализите на хрватските власти покажале дека е канцерогено, повторно се наметна прашањето за веродостојноста на постапката за контрола на квалитетот на горивата

Нафтената индустрија, во повеќето истражувања, се посочува како еден од поголемите загадувачи на животната средина, но и покрај тоа, барем во случајот со Македонија, таа со години е оставена сама да си го контролира квалитетот на горивата. Таквата состојба кај јавноста наметнува сомнежи за веродостојноста на целата постапка, така што, меѓу другите, и пратеникот Павле Трајанов, пред неколку дена, повикувајќи се на сопствени информации, рече дека ниту нафтата ниту мазутот што се користат во земјава не се според стандардите и дека во Македонија и во Косово се увезува екстра лесно масло, за кое анализите на хрватските власти покажале дека е канцерогено, а илјадници тони се веќе внесени во земјава.
Дека има манипулации во овој сектор, потврда е и реакцијата на повеќе државни институции, училишта и градинки од крајот на минатата година, кои се посомневале во квалитетот на екстра лесното масло што им било донесено за греење. Тогаш Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) побара од сите што се сомневаат во квалитетот да го известат и да не го примаат сомнителното гориво.

– Предупредувањето се дава од причина што по приемот на дериватот во резервоарите на корисниците докажувањето на квалитетот и лоцирањето на вината за евентуално неквалитетно гориво тешко се докажува од објективни и од субјективни причини – посочуваат од ДПИ.
Сомневање во квалитетот на горивата доаѓа и од граѓаните, кои сметаат дека некој силно профитира од манипулациите со квалитетот на горивата, на сметка на здравјето на граѓаните.
– Во земјава веќе не знам кој сè не увезува нафтени деривати. Од разни мали фирмички, кои прекуноќ добиваат големи тендери за снабдување државни институции, до големи нафтени компании. Еден период по осамостојувањето на државата, во време на грчкото ембарго, сите увезуваа некоја бугарска нафта, која толку непријатно мирисаше што се препознаваше на километар. И замислете, таква нафта сме гореле во домовите и сме возеле во автомобилите, иако сум сигурен дека содржела штетни материи. Имам впечаток дека некој само заради дебел профит со години нè труел, а можеби и уште нè труе – вели Предраг Стошиќ од Скопје.
Последните случувања со увозот на сомнителен отпад и одбивањето на надлежните да донесат закон со кој ќе се забрани увозот на отпад што би се користел како енергент, само ги потврдува сомнежите дека држава штити некои структури, кои од сето тоа добро профитираат.

Слично е и со увозот на нафтени деривати во чиј квалитет многумина се сомневаат, иако повеќето трговци со нафтени деривати тврдат дека горивата што ги испорачуваат тие ги исполнуваат највисоките европски и меѓународни стандарди.
– Испитувањата се вршат во согласност со стандардни меѓународни, европски и национални методи за тестирање: ИСО, ЕН, АСТМ, ИП, МКС… – наведуваат од лабораторијата на „Макпетрол“.
Ист став имаат и од лабораторијата на „Окта“, од каде што додаваат дека се акредитирана лабораторија, која секоја година ја обновува акредитацијата и чие работење го контролира и надворешна комисија.
– Ние вршиме тестирање и нашата лабораторија дава уверение за квалитетот на горивата. Вршиме контрола на секој параметар на горивото – категорични се од „Окта“, притоа истакнувајќи дека станува збор за висококвалитетни горива.
Ништо поразлично мислење немаат ниту од „Лукоил“.

– Сите горива што се продаваат на нашите бензински станици ги задоволуваат европските стандарди, како и одредбите од Правилникот за квалитет на течни горива, пропишан од страна на Министерството за економија на РМ – посочуваат од „Лукоил“.
Инаку, горивата што се увезуваат во земјава мора да бидат во согласност со Правилникот за квалитетот на течните горива, чии параметри се во согласност со европските стандарди.
Додека сите тврдат дека горивата се со највисок квалитет, загадувањето на воздухот предизвикано од автомобилите постојано бележи нагорна линија, а сето тоа искомбинирано со загадувањето од индустријата и греењето на домовите само дополнително ја влошува ситуацијата.