Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покрај веќе долготрајната миграција село – град, која, за жал, сѐ уште е актуелна, во последните две децении се јави и нова, слична миграцијата, од помалите градови кон Скопје, така што македонската метропола има рапиден пораст на населението, објаснуваат упатените

Наспроти глобалниот тренд на движење на луѓето од градовите кон селата и на заложбите на сите досегашни македонски влади за рамномерен регионален развој и заживување на руралните средини, како и на фактот дека Македонија важи за традиционално земјоделска земја, статистиките на Обединетите нации и на Светска банка покажале дека бројот на руралното население во државава е значително намален. Така, според податоците на Одделот за население при ОН од 2018 година, речиси 58 проценти од македонското население живеат во урбаните средини, односно во градовите, што е оценето како загрижувачка состојба, приближно исто како и во сите земји од регионот.

Досегашните домашни статистики, пак, не се водат прецизно според миграцијата село – град, а како најсоодветна за споредба, според упатените, може да се земе графата за внатрешни миграции. Така, во публикацијата на државниот завод за статистика „Миграции“ (2013-2017) стои дека во државава на годишно ниво имаме нешто повеќе од 8.000 внатрешни миграции, кои подразбираат меѓуопштински, во исти општини, од села во градовите и обратно.
Според демографот и статистичар Дончо Герасимовски, внатрешните миграции, во принцип, се сведуваат на преселбите од село во град, процес што, како што вели, во земјава трае со децении и е поинтензивен во изминатава декада.

– Во просек, според моите информации, имаме од 8.000 до 10.000 внатрешни миграции на годишно ниво во земјава. Причини за таквата преселба на населението, кое главно одлучува да ја напушти македонската рурална средина и да замине во урбаната, се економските, инфраструктурните тешкотии, но и семејните причини, како склучување брак, вработување, школување и друго. Ваквите податоци од година на година се зголемуваат, а причина за таквата појава е слабата државна грижа кон помалите средини. Како резултат на иселувањата од селата, многу општини, особено во источниот дел на земјава, останаа без жители. Тој процес трае со децении, а следниот попис, кој го очекуваме сите, најверојатно ќе покаже уште попоразителни факти, од кои сите стравуваме – вели Герасимовски.

Миграциските движења, особено внатрешните, како што додава, имаат силно дејство врз развојот на населението од повеќе аспекти. Тоа значи дека бројот на населението се зголемува во едно, а се намалува во друго населено место, без разлика дали станува збор за релацијата село – град или град – град, и можно е да дојде до појава на депопулација на регионот, односно на просторите во Македонија.
Слични се и согледувањата на професорот по социологија Илија Ацески.

– Покрај миграцијата село – град, која, за жал, сѐ уште е актуелна, во последните две децении се јави и нова, слична миграцијата, од помалите градови кон Скопје, каде што македонската, условно кажано, метропола има рапиден пораст на населението, во неа се сконцентрирани сите административни служби и сите ресурси – објаснува тој.
Ваквиот тренд, според него, е пречка за вкупниот развој на економијата на државата.
– За жал, ние сѐ уште живееме под канџите на централизацијата и тој процес на миграција село – град трае одамна. Тој подем започна кон крајот на седумдесеттите и во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, во времето на брзата индустријализација и урбанизација на градовите, кога во нив се отвораа поголеми фабрики и други капацитети, а масовната миграција од руралните кон урбаните средини беше дополнително поттикната од немањето соодветна инфраструктура во селата, тешкотиите за пристап до здравствени, образовни и други установи и од создавањето негативни стереотипи за селото – вели Ацески.

Тој смета дека за надминување на загрижувачките состојби не се потребни краткорочни, како што се прави кај нас за сѐ, туку долгорочни мерки на државата за справување со овој проблем, од кој зависи и економијата.
– Пред сѐ мора да се направат долгорочни политики на десет-петнаесет и на повеќе години, слични на онаа што ја имаше претходната влада за враќање во селата. Во исто време, неопходни се и суштинска децентрализација, поголема автономија и многу повеќе средства за општините и регионите, кои со симболичните средства со кои располагаат не можат речиси ништо да направат без поддршка од државата – истакнува Ацески.

Инаку, според бројките на ОН, слична е состојбата и во Хрватска, каде што 57 отсто од населението живеат во градовите. Зад неа се наоѓаат Србија, со 56 отсто, и Словенија, со 54 проценти од граѓаните што живеат во урбаните средини. Како држава што предничи во овие показатели е Црна Гора, каде што дури 67 отсто од граѓаните живеат во урбаните средини. Во Босна и Херцеговина, пак, само 48 од населението живее во градовите.
За просторот на Европа, пак, во извештајот се наведува дека Кнежевството Монако, кое по својата дефиниција е град-држава, ја зазема очекувано првата позиција на листата со 100 отсто од населението што живее во урбана средина. Зад него следуваат Белгија, со 98 отсто, и Исланд, со 94 отсто население во градовите. На дното на листата е Молдавија, со 43 отсто од населението во урбаните средини.

[email protected]